Porsche го прошири опсегот на Taycan со нова верзија
Со новиот додаток, Porsche ја лансира четвртата верзија на својот прв целосно електричен спортски седан Taycan
Porsche Taycan и официјално ја добива својата четврта верзија во опсегот, откако германскиот производител го претстави базичниот модел на целосно електричниот седан, кој се приклучува на поставата каде веќе се наоѓаат Taycan Turbo S, Taycan Turbo и Taycan 4S.
Новата верзија на Taycan пристигнува со цена од 86.254 евра. Базичниот модел првично беше претставен како ексклузивен за кинескиот пазар, но сега се приклучува во поставата и на останатите пазари. Во однос на останатите модели, покрај цената која е пониска, моделот се карактеризира и со единечен електромотор кој е поставен на задната осовина и испорачува до 408 КС и 344 Nm вртежен момент. Ова овозможува автомобилот да забрзува до „стотка“ за 5,4 секунди, додека максималната брзина изнесува 230 километри на час.
Базичниот Porsche Taycan пристигнува со 79,2 kWh батерија, што е доволно за автономија на движење од 431 километар со едно полнење според WLTP циклусот. Доколку тоа не е доволно, купувачите ќе можат да го засилат својот модел со Performance Battery Plus кој има поголем капацитет од 93,4 kWh. Ова го зголемува опсегот на движење на 484 километри, додека електромоторот во овој случај испорачува 476 КС и 357 Nm вртежен момент. Благодарение на дополнителната моќност, моделот може да забрза до стотка исто така за 5,4 секунди, без разлика што поголемата батерија носи и поголема тежина од 77,1 килограми.
Базичен модел, но со богата опрема
Кога батеријата е празна, возачите благодарение на брзополнечката технологија на Taycan ќе можат да ја наполнат од 5 до 80 проценти за околу 22 минути во идеални околности. Porsche најави дека најновата верзија на Taycan ќе биде опремена од лансирањето со новите карактеристики претставени во останатите верзии. Конкретно, ќе биде опремен со Plug and Charge функцијата. Како и останатите модели, овој Taycan ќе биде опремен со опционален head-up екран во боја и on-board полнач со максимален капацитет од 22 kW (AC).
Новата верзија на Taуcan се одликува и со нешто поизменет екстериер со 19-инчни тркала со сребрена боја. Кога станува збор за опремата, базичниот Taycan пристигнува со LED предни светла, 10,9-инчен инфозабавен систем и Porsche Active Suspension Management систем, како и делумно кожниот ентериер. Ќе биде достапен и цел асортиман на опции, како што е воздушен систем на потпирање, 20 и 20-инчни тркала и друго.
Porsche Taуcan ќе пристигне кон средината на март, а неговата цена ќе стартува од 86.254 евра, што е 23.160 евра помалку од Taycan 4S.