Cupra го најави Formentor VZ5 со мотор од Audi
Cupra наскоро ќе го лансира Formentor VZ5 кој ќе биде врвот на понудата и ќе се напојува со 2,5-литарскиот петцилиндерски мотор на Audi Sport
Formentor VZ5 официјално ќе дебитира на 22 февруари, во пресрет на третата годишнина на брендот како самостојна марка, а моделот ќе биде лансиран во ограничена количина. Она што е најинтересно е што Cupra Formentor VZ5 ќе се нуди со 2,5-литарскиот TFSI петцилиндерски мотор на Audi.
„Cupra Formentor ја претставува есенцијата на брендот, но додавањето на уште поекстремен пецилиндерски мотор во семејството – заедно со уште седум други погони вклучително и перформансен plug-in хибрид – ќе го одбележи како автомобил за вистинските ентузијасти, нешто што Cupra заедницата е посветена да го достави и ќе ни овозможи да допреме до нови купувачи“, изјави претседателот на Cupra и Seat, Вејн Грифитс.
Моќноста и максималниот вртежен момент засега остануваат непознати, но кај RS Q3 и RS Q3 Sportback, агрегатот испорачува 400 КС и 480 Nm максимален вртежен момент. Моторот е поврзан со седумстепен автоматски менувач и погон на саите четири тркала, со што двата Audi модели можат да забрзаат до „стотка“ за 4,5 секунди и да достигнат максимална брзина електронски ограничени 250 километри на час, а како опција може да се подигне на 280 км/ч.
Тизерот кој пристигнува заедно со соопштението од Cupra, го прикажува задниот дел на спортскиот SUV со поагресивен дизајн на дифузерот кој инкорпорира дијагонално поставени издувни цевки на двете страни. Друга карактеристика е и VZ5 логото поставено на десниот дел од задната страна, веднаш до натписот „Cupra“. Производителот се очекува да открие уште неколку други карактеристики за моделот во пресрет на премиерата која е закажана за 22 февруари.