fbpx

Претставен новиот Porsche 911 GT3

Германскиот производител Porsche официјално ја претстави новата, седма генерација на моделот 911 GT3

На ексклузивната онлајн промоција на Porsche, која штотуку заврши и на која официјално беше претставен новиот 911 GT3, беше присутен и Авто Плус. Нашата редакција имаше чест во живо да ја проследи премиерата и во прилог ви ги пренесуваме информациите и деталите за новата, седма генерација на перформансниот спортски автомобил на Porsche.

Новиот 911 GT3 се напојува со 4,0-литарскиот GT boxer мотор кој испорачува 510 КС. Благодарение на ова, автомобилот добива исклучителна подвижност и агилност, задржувајќи ги карактеристиките на својот претходник, а притоа добива и 10 КС поголема моќност. Максималната вртежна моќ од шестцилиндерскиот мотор исто така е зголемен, достигнувајќи 470, наместо досегашните 460 Nm.

911 GT3

Спортски гени

Моторот пристигнува во комбинација со шестстепен GT мануелен менувач, а достапен е и седумстепениот PDK автоматски менувач. Исто како и во мотоспортот, менувачот овозможува промена на брзините во милисекунди, без притоа да се прекине доставата на моќноста. Оттаму и импресивните бројки кога станува збор за забрзувањето. Имено, новиот 911 GT3, со автоматски менувач, спринтот до „стотка“ го достигнува за 3,4 секунди. До 200 километри на час му се потребни 10,8 секунди, пред да ја достигне максималната брзина од 320 км/ч. Кај верзијата со мануелец, спринтот се достигнува за 3,7 секунди, а максималната брзина 318 километри на час. Најважно од се е што седмата генерација на спортскиот автомобил пристигнува ексклузивно со погон на задните тркала.

Спортската ДНК на автомобилот се пренесува и кај системот на потпирање, а 911 GT3 ја добива и истата предна осовина од победникот на 24 часа Ле Ман, моделот 911 RSR. Исто така, системот за подигнување се карактеризира и со Smart Lift мемориска функција. Новиот GT3 добива и поголеми сопирачки, а дијаметарот на дисковите сега изнесува 408, наместо 380 милиметри, додека тежината е 17 проценти помала.

Врвна инжинерска изработка

Во високо перформансен спортски автомобил како што е новиот Porsche 911 GT3, секој килограм е важен. Токму затоа германскиот производител успеа да ја оптимизира тежината на автомобилот. Вградувајќи лесно стакло на сите прозорци, па се до лесен нерѓосувачки челик кој е применет при производството на спортскиот издувен систем. Tука е и LiFePO4 батеријата за стартување која е 10 килограми полесна од претходно.

911 GT3

Конечниот резултат е сооднос на моќност и тежина од 2,8 килограми по КС. Со тоа, 911 GT3 е уште поблиску до нивото на чистокрвен тркачки автомобил. Така, и покрај пошироката каросерија, поголемите тркала и дополнителните технолошки карактеристики, тежината на новиот GT3 е иста со претходникот. Верзијата со мануелен менувач тежи 1.418 килограми, додека со PDK автоматската трансмисија тежината се искачува на 1.435. Ова исто така е резултат и на новата каросерија изработена од алуминиум и челик. Истата сега содржи уште повисока пропорција на карбонски засилена пластика (CFRP). Овој лесен композитен материјал е искористен при изработката на хаубата, а како опција се нудат и задниот спојлер и покривот изработени од истиот материјал.

Инженерите на Porsche не ја занемарија ниту аеродинамиката, па така функционалниот заден дифузер сега генерира четири пати поголема потисна сила во однос на својот претходник, со оглед на тоа дека предниот дифузер и широкиот спојлер сега обезбедуваат поконзистентен проток на воздух долж возилото. Севкупно, новиот Porsche 911 GT3 генерира речиси 50 проценти поголема потисна сила во однос на претходникот. Како додаток на сето ова, Porsche го нуди и Clubsport пакетот како опција, кој е целосно бесплатен.

Спортско чувство во внатрешноста

Кокпитот е во согласност со актуелната генерација на моделот. Нов додаток е екранот наменет за патеките каде со допир на едно копче ги намалува дигиталните екрани лево и десно од централниот бројач на вртежи, кој достигнува до 10.000 вртежи, до информации како индикатор за притисок во гумите, притисок на маслото и температура, температура на водата и нивото на гориво во резервоарот, кои се неопходни при возење на тркачките патеки. Тука се и спортските седишта, популарните „кадици“, кои се преземени од 918 Spyder и се оптимизирани да тежат 12 килограми помалку од стандардните.

Пред возачот се наоѓа инструмент кластерот кој комбинира класичен 911 дизајн со пет кружни инструменти заедно со два TFT екрани. Со Chrono пакетот се комбинира аналогната штоперица на контролниата табла со дигиталната функција на инструмент кластерот. Дополнителен преглед на перформансите може да се направи и на 10,9-инчниот HD екран на допир преку Porsche Communication Management. Покрај сето ова, Porsche Exclusive Manufaktur опсегот е исто така достапен за новиот 911 GT3. Тој се нуди со неколку опции како карбонски капаци на ретровизорите, затемнети LED Matrix предни светла и соодветни Exclusive дизајнирани задни светла, а во внатрешноста може да се најде и Sport Chronо часовник. Меѓу останатите детали, треба да се истакне и GT3 мултифункционалниот управуваш со дијаметар од 360 милиметри, преслечен во Race-Tex како стандард и пристигнува со менувач за возачки режими за прв пат кај GT3.

Најмладиот член на GT семејството на Porsche ќе се најде во продажба нешто подоцна. Цените допрва треба да бидат објавени.

Поврзани вести

Back to top button