fbpx

Панорама VW Golf 8: Бестселерот во свое осмо издание

Volkswagen ја престави осмата итерација на Golf во октомври 2019 година, со што 2020 беше првата моделска година за Golf

златно тркало

Новиот Golf 8 пристигнува дигитализиран, целосно поврзан и максимално интуитивен за употреба, во никогаш попрогресивно издание. Со најновата изведба, VW се обиде да направи големи промени кога станува збор за технологијата и инфозабавата во самиот автомобил, додека механиката на автомобилот останува слична со претходно. Она што производителот се стреми, е да го одржи на врвот и да ја задржи позицијата на најпосакуван хечбек модел, па така Volkswagen со Golf 8 поставува нови стандардни во својата класа.

Golf 8

Три месеци по светската премиера во Волфсбург, Македонија имаше можност да сведочи на официјалната промоција на Golf 8. Нашата држава ја имаше честа прва да ја види осмата генерација на најуспешниот светски концепт на патнички автомобил во југоисточна Европа, за пред извесно време, продажбата на новиот Golf и официјално да започне. Ние имавме можност изминатиот период одблиску да се запознаеме подобро со осмата генерација на бестселерот на Volkswagen.

Новиот Golf има нешто поинакви димензии во однос на претходната генерација, со поголемо меѓуоскино растојание. Така, тој брои 4,284 mm во должина, 1.789 mm во ширина и 1.456 mm во висина, со меѓуоскино растојание од 2.636 mm. Спуштањето на предниот дел не само што придонесува за поагресивен изглед, но допринесува и за коефициент на аеродинамичност од 0,275.

Променет, но препознатлив ентериер

Говорејќи за надворешноста, предниот крај го задржува карактерот препознатлив за Golf, но секако со низа промени, кои имаат за задача значително да го разликуваат од моделот кој го заменува. Светлосните уреди кои се целосно ревидирани и имаат нов облик кој се карактеризира со потенок дизајн и стилски дневни светла, потоа новиот браник, помалата решетка и новиот облик на хаубата се само дел од Golf 8промените, кои мора да признаеме дека изгледаат навистина одлично. Еволутивниот дизајн го опфаќа и задниот дел на моделот, каде се забележуваат ревидирани задни светлосни уреди, како и целосно новиот браник, со нова форма и изглед.

Движејќи се кон внатрешноста, она што веднаш станува јасно е драстичната промена на eнтериерот во новиот Golf 8. Кабината е дизајнирана во минималистички стил, сепак со главна цел да обезбеди максимална практичност и функционалност. Пред возачот поставен е целосно нов управувач, изменет дигитален инструмент кластер и помодерен инфозабавен систем. Централната табла е исто така нова, со нови вентилациски отвори и метални акценти. Сега новиот Golf 8 може да го добиете и со опционален head-up дисплеј, како и интернет поврзување каде стандардниот OCU (Online Connectivity Unit) доаѓа со интегрирани eSIM врски, We Connect и We Connect Plus функции и услуги.

Golf-8

Напреден ентериер со висока технологија

Новиот Golf 8 пристигнува со високо ниво на технологија и поврзаност во патничката кабина. Како стандарден дел од опремата, сите изведби на новиот Golf 8 добиваат нови LED предни и задни светла, Keyless Start, дигитален инструментен панел, 8,25-инчен инфозабавен систем, We Connect и We Connect Plus, мултифункционален волан, автоматска клима уред, асистент за задржување на возилото во лента, предвидлива заштита за пешаци и Car2X технологија. Системите за асистенција на возачот функционираат до брзина од 210 километри на час. Треба да се напомене и дека во базичното ниво на опременост, осмата генерација на Golf пристигнува со Start & Stop систем, дигитален инструмент кластер, автоматски светла, автоматски брисачи…
Кога станува збор за дополнителните карактеристики, тука се 10-инчниот инфозабавен систем, кој заедно со големиот систем за навигација Discover Pro го создаваат Innovision Cockpit. Тука е и надоградениот аудио систем, кој го користи 400 ватниот Harman Kardon систем, за уште повозбудливо доживување.

Golf 8 во Македонија

Новата генерација на Golf 8 во Македонија пристигнува со бензинските мотори TSI. Потоа, тука е дизел агрегатот TDI и електрифицираниот eTSI благ хибрид. Не треба да се заборави и бивалентниот бензински мотор предвиден за погон на природен гас TGI. Сите доаѓаат со турбо бполначи. Моќноста на моторите варира од 90 КС до 150 КС. Кога станува збор за eTSI благо хибридните мотори освен електричната поддршка за дополнително намалување на емисиите, помага и примената на Miller циклусот за согорување.

Како што беше најавено уште од претходно, новите дизел мотори на Volkswagen пристигнуваат со нова технологија што ги прави почисти од било кога. Така, TDI моторите воведуваат технологија за двојно дозирање на AdBlue со помош на два SCR катализатори и постигнуваат намалување на емисијата на азотни оксиди до 80 проценти. Истовремено се намалува и нивото на потрошувачка и до 17 проценти во споредба со TDI моторите од претходната генерација.

Цените на новата, осма генерација на Golf во нашата земја започнуваат од 25.458 евра, колку што чини основниот Golf со 1,5-литарски TSI мотор и 150 КС со мануелен шестстепен менувач. Дизелскиот 2.0 TDI со мануелен шестстепен менувач и 115 КС чини 26.780 евра. Помоќната дизел верзија со DSG мануелен менувач и 150 КС, чини 31.417 евра. За eTSI моторот со благ хибриден систем цените почнуваат од 28.842 евра, додека истиот мотор со автоматски DSG менувач и 150 КС во Style ниво на опременост чини 31.373 евра. Истото ниво на опременост, но со 2,0-литарскиот TDI и автоматски DSG менувач чини 33.539 евра.

Поврзани вести

Back to top button