fbpx

Aston Martin Vantage е новото F1 безбедносно возило

Formula 1 шампионатот добива нов безбедносен автомобил оваа година во „ликот и делото“ на специјално опремен Aston Martin Vantage

Од 1996 година Mercedes-Benz го снабдуваше Formula 1 шампионатот со безбедносни автомобили, но тоа се менува од оваа година, иако германскиот производител на некој начин се уште ќе биде дел од новата безбедносна и медицинска флота на најбрзиот циркус на планетата. Со прекршувањето на традицијата од 25 години, Aston Martin сега ќе биде главен кога станува збор за безбедноста на Formula 1 патеките за новата сезона, па така сега и официјално, Aston Martin Vantage ќе биде безбедносниот автомобил, додека DBX, првиот SUV на производителот, ќе биде медицинско возило.

Vantage Formula 1

Двата автомобили се напојуваат од истиот битурбо 4,0-литарски Mercedes-AMG M177 V8 мотор. Она што е интересно да се истакне е дека двата автомобили ќе бидат во истата нијанса на препознатливата Aston Martin Racing Green боја како и новиот F1 болид на компанијата.

Како официјален безбедносен автомобил на Formula 1, Aston Martin Vantage добива карактеристични ротациони светла. Овие светла се дизајнирани да нудат што е можно помал аеродинамичен отпор и го оптимизира протокот на воздух кон задниот спојлер, кој пак е опремен со камера чии слики се испраќаат на внатрешниот ретровизор.

Vantage Formula 1

Внатрешноста е опремена со тркачки седишта според FIA стандарди со четири точки на заклучување на појасот. Aston Martin ги подобри и перформансите на автомобилот, извлекувајќи дополнителни 25 КС од својот агрегат. Новиот преден сплитер додава 60 килограми на дополнителен аеродинамичен потисок, а британската марка исто така го унапреди и системот на потпирање, амортизерите и управувањето.

Vantage Formula 1

Покрај Vantage, во поставата се вклучува и DBX како официјален медицински автомобил, а исто така добива неколку измени во спецификациите. Двата автомобили ќе дебитираат за време на првиот викенд од сезоната во Бахреин од 12 до 14 март кога ќе се одржат првите тестови. Две недели подоцна на истото место ќе започне и новата сезона од Formula 1 шампионатот.

Поврзани вести

Back to top button