fbpx

Hyundai го покажа изгледот на Kona N

Hyundai во пресрет на премиерата одлучи да го покаже изгледот на новата Kona N преку серија на тизер фотографии

Корејскиот производител се подготвува за премиерата на спортската верзија на својот субкомпактен кросовер, моделот Kona N, а за таа цел одлучи да го прикаже изгледот преку неколку затемнети тизер фотографии кои го откриваат спортскиот и робустен дизајн на автомобилот. Од Hyundai засега остануваат таинствени кога станува збор за спецификациите, но од она што може да се забележи од овие фотографии, моделот ќе биде далеку поекстремен од Kona N Line.

Почнувајќи од предниот дел на автомобилот, забележлива е уникатната решетка со карактеристичниот N беџ. Моделот исто така има и црни акценти на браникот, како и црвена линија која се протега по страните на кросоверот. Исто така, присутни се и уникатните тркала од лесна легура и нагласените заштитни облоги над предните крила во боја на каросеријата.

И додека промените на предниот дел изгледаат релативно минимални, истото не може да се каже и за задниот дел, со оглед на тоа дека перформансниот модел добива црн дифузер и спортски двоен издувен систем. Меѓу останатите карактеристики тука е и „двојниот“ заден спојлер поставен на горниот дел и триаголното стоп светло.

Kona N

Деталите околу перформансите на Hyundai Kona N засега остануваат тајна, но производителот претходно потврди дека моделот ќе се напојува со 2,0-литарски турбо мотор со осумстепен автоматски менувач со двојна спојка. Се очекува Kona N да го добие истиот агрегат од Veloster N, каде испорачува 279 КС и 353 Nm максимален вртежен момент.

Без оглед на конечните бројки, од Hyundai истакнуваат дека Kona N ќе испорача „моќно и остро возачко искуство“, како и „разновидни високо перформансни возачки карактеристики како што е контролата на лансирање“.

Повеќе детали се очеквуаат наскоро со оглед на тоа дека моделот наскоро ќе ја доживее својата премиера.

Поврзани вести

Back to top button