fbpx

Dacia откри нови детали за електричниот Spring

Романскиот производител Dacia објави нови детали околи нивниот електричен кросовер Spring, вклучително и перформансните бројки на автомобилот

Dacia Spring е првиот електричен автомобил на романската марка, а неговата цел ќе биде да се „демократизира електричната мобилност за пошироките народни маси“. Со други зборови, Spring ќе биде електричен автомобил кој ќе биде достапен за многу пониска цена во однос на она што го нудат конкурентите. Малиот електричен кросовер ја доживеа својата дигитална премиера кон крајот на минатата година, а продажбата треба да започне наскоро. За таа цел, Dacia постепено ги открива деталите, а на ред дојде нова тура информации, вклучително и оние за перформансите.

Воопшто не треба да биде изненадување што Dacia Spring е нешто побавен во однос на конкурентите, со оглед на тоа дека електромоторот испорачува скромни 45 КС и 125 Nm вртежен момент. Официјално, спринтот до „стотка“ се стигнува за 19,1 секунда, а од 80 до 120 километри на час на првиот ЕВ на романската компанија му се потребни 26,2 секунди. Максималната брзина изнесува 125 километри на час.

Но, целта на Spring не се перформансите, туку градската употреба, а со оглед на тоа дека желбата на Dacia е да понуди достапен електричен автомобил за сите, очекувано е да се „заштеди“ кога станува збор за брзината. Spring има тежина од само 970 килограми, а до 50 километри на час стигнува за 5,8 секунди. Се карактеризира со 27,4 kWh литиум-јонска батерија која нуди опсег на движење од 305 километри во град, односно 230 километри во комбиниран начин на возење според WLTP циклусот.

Кога станува збор за полнењето, тоа варира од 13 и пол часа на приклучок од 2,3 kW, до 4 и пол часа на 7,4 kW wallbox приклучок. Батеријата поддржува и брзо полнење, а во таков случај потребни се 56 минути за истата да се наполни од 0 до 80 проценти од својот капацитет.

Spring Business и Spring Cargo

Dacia ќе ги отвори книгите за нарачки од 20 март, а обичниот модел ќе биде придружуван од Spring Business. Оваа верзија е наменета за „car sharing“ и ќе се одликува со дополнителен хардвер наменет за поедноставување на локализирањето преку паметен телефон и далечинско отклучување.

Dacia Spring

Автомобилот ќе биде достапен во бела или светло сива боја, со сини акценти на покривните шини и 14-инчни Flex тркала. Media Nav инфозабавниот систем со Apple CarPlay и Android Auto, како и тапацирот од вештачка кожа со сини конци ќе бидат дел од стандардната опрема.

Кон почетокот на 2022 година ќе биде лансирана и комерцијална верзија наречена Spring Cargo, која ќе има деллив ѕид кој ќе го дели предниот дел на возачот и совозачот од просторот за товар. Должината на товарниот простор ќе изнесува 1.033 милиметри, максималната тежина која ќе може да ја понесе е 325 килограми, додека капацитетот ќе изнесува 1.100 литри.

Dacia Spring

Сите примероци на Spring Cargo ќе се нудат со челични тркала, штитници за прагот на багажникот, мануелен клима-уред, радио со Bluetooth и USB приклучок.

Од Dacia ја објавија и цената на новиот Spring, а истата ќе изнесува 16.990 евра во Confort ниво на опременост, додека за Confort Plus цената изнесува 18.490 евра.

Поврзани вести

Back to top button