Jeep ги претстави Wagoneer и Grand Wagoneer
Враќањето на Jeep Wagoneer на сцената се најавува веќе некое време, а минатата година беше претставен и концептниот модел за овој премиум SUV
Jeep официјално ги претстави Wagoneer и Grand Wagonner моделите. Она што веднаш е забележливо е дека двата модели се поголеми од кросоверот Grand Cherokee L и поседуваат конструкција школка на шасија, наместо вообичаената самоносечка каросерија. Кога станува збор за механиката, односно главните компоненти, новите премиум SUV „знаменосци“ на Jeep марката се одликуваат со истите карактеристики како и пикап камионетот Ram 1500.
Со Wagoneer и Grand Wagoneer, Jeep влегува во два нови сегменти, без притоа да се жртвува погонот на сите четири тркала во корист на пространост за патниците, а тука се и врвните материјали во ентериерот. Двата модели ќе бидат достапни во три нивоа на опременост, а ќе се одликуваат со простор за до осум патници, стандарден кожен тапацир, голем број на активни технологии за асистенција на возачот и најголем капацитет на багажникот во класата.
Без разлики во големината
Исто така се карактеризираат и со впечатлив стајлинг кој е извлечен од Wagoneer концептот, двата SUV новитети се одликуваат со исправена става, истакната решетка, речиси вертикален отвор од багажникот и големи странични прозорци. На двете страни од препознатливата Jeep решетка се наоѓаат LED светлата.
Она што е интересно е што двата модели се практично исти кога станува збор за димензиите, но постојат неколку разлики во внатрешноста и надворешноста. Wagoneer ќе биде достапен со 4х2 опција за оние кои немаат потреба од оф-роуд способности, додека од друга страна Grand Wagoneer ќе се натпреварува во „големата лига“ и ќе биде полуксузно опремен. Grand Wagoneer ќе има повпечатлив изглед на екстериерот во однос на „обичниот“ Wagoneer, а тука е и големото присуство на хромирани елементи, контрастен покрив и ексклузивни бои. Исто така различни се и хаубата и предната решетка, како и предните светла.
Како што напоменавме, моделите Wagoneer и Grand Wagoneer ја поседуваат истата каросерија и не се разликуваат по големината. Двата се долги 5.435 милиметри, широки се 2.123 милиметри, а висината е 1.920 милиметри. Меѓуосовинското растојание изнесува 2.124 милиметри, а во иднина можно е да пристигне верзија и со поголемо растојание. Најинтересно е што ниту еден од двата модели нема никакво обележје од марката Jeep, се со цел двата модели да се разликува од остатокот од гамата, а единствената карактеристика која укажува за кој бренд станува збор е карактеристичната предна маска.
Jeep Wagoneer
Основниот Jeep Wagoneer има почетна цена од 58.000 долари. Во својата кабина поседува три реда на седишта, а во зависност од желбите на купувачите, може да биде направен во конфигурација за седум или осум патници. Она што е најважно е што третиот ред не е наменет само за деца, туку е во состојба удобно да смести тројца возрасни луѓе, оставајќи притоа и доволно место за сместување на личните работи во багажникот кој има капацитет од 776 литри.
Во внатрешноста на Wagoneer возачот пред себе ќе најде дигитална инструмент табла со големина од 10,3 инчи, а на централната конзола се наоѓа инфозабавниот Uconnect 5 систем со 10,1-инчен екран на допир. Од Jeep одлучија контролите од клима-уредот да ги сместат во блок на аналогни тастери кои се лоцирани под екранот, а истовремено, базичните варијанти на Wagoneer се обложени во Nappa кожа.
Основната верзија се одликува со погон на задните тркала, но Jeep нуди и цел сет на системи за пренос на силата на сите тркала. Базичната модификација Quadra-Trac и вклучува спојка на предната осовина, додека Quadra-Trac II додава и запчаник за бавно движење. Во понудата е и Quadra-Drive II системот кој нуди електронско контролирано заклучување на задниот диференцијал.
Jeep Grand Wagoneer
Кога станува збор за Jeep Grand Wagoneer, цената за овој модел почнува од 87.000 долари, а неговата цел е да се натпреварува со Cadillac Escalade, Lincoln Navigator и Lexus LX. Сепак, не се разликува премногу во однос на основниот Wagoneer, иако поседува детали кои го истакнуваат неговиот премиум карактер.
Најголемата разлика меѓу Wagoneer и Grand Wagoneеr е воочлива кога ќе се седне во патничката кабина, каде очигледно изработката е со попрестижен и премиум квалитет. Забележлива е употребата на додатоци од дрво и алуминиум, додека Nappa кожата се користи само во базичната варијанта на Grand Wagoneer, додека за оние кои сакаат нешто повеќе Jeep нуди и далеку поквалитетна кожна прекривка на ентериерот. Во основната опрема на полуксузниот SUV во вториот ред се наоѓаат посебни и индивидуални фотелји, додека командите за подесување на предните седишта се поставени на вратите.
Поголем луксуз во ентериерот
Втора важна карактеристика по која Grand Wagoneer се разликува се и екраните кои се вградени во автомобилот. Пред возачот се наоѓа поголем 12,3-инчен дигитален инструмент панел, додека инфозабавниот систем е со големина од 12 инчи. Како опција, Jeep нуди и пет дополнителни екрани во внатрешноста. Едниот, со димензии од 10,3 инчи е поставен на дното од централната конзола и е наменет за клима-уредот, а еден екран, со иста големина добива и совозачот и е наменет за забава. Два екрани од инфозабавниот систем се достапни и за патниците во вториот ред, а еден дополнителен екран е наменет за оние кои седат во последниот ред на автомобилот, а истиот е наменет за подесување на клима-уредот.
Исто така, Grand Wagoneer поседува и аудио систем McIntosh со 19 звучници и моќност од 950 вати, а понапредната верзија која се нуди како опција подразбира 23 звучници и моќност од 1.375 вати.
Во основната опремa влегува и системот Active Driving Assist кој вклучува адаптивен темпомат и помош при одржување на коловозната лента, а овој систем до крајот на годината би требало да добие и можност за автопилот при што возачот ќе може да управува со возилото без раце. Истата е достапна и кај обичниот Wagoneer, но само како доплата.
Два моќни V8 агрегати
Кога станува збор за моторните единици, големиот Grand Wagoneer се напојува со моќен 6,4-литарски V8 мотор кој испорачува 477 КС и 617 Nm максимален вртежен момент, додека Wagoneer под хаубата има 5,7-литарски V8 агрегат и благ хибриден систем кој испорачува 397 КС и 548 Nm максимален вртежен момент. Во двата случаи, моторите се во комбинација со осумстепен автоматски менувач.
Jeep Wagoneer и Grand Wagoneer ќе пристигнат на американскиот пазар од почетокот на оваа пролет, а во согласност на новата стратегија на Stellantis околу брендот Jeep, двата модели се очекува да пристигнат и на останатите пазари.