Audi нема да развива нови мотори со внатрешно согорување
Времињата во автомобилската индустрија се менуваат, а во согласност со тоа, како и со стратегијата на VW групацијата, Audi се откажува од конвенционалните мотори
Бенефициите од новите мотори со внатрешно согорување повеќе не ги надминуваат трошоците за нивниот развој, верува извршниот директор на Audi, Маркус Дусман. Наместо тоа, компанијата ќе ги насочи сите свои ресурси и напори кон развивање на алтернативни погони. Сето ова не треба да биде изненадување, со оглед на тоа дека германската марка веќе ги најави своите намери да ги претвори своите најпрепознатливи модели како A4 и A6 во чисто електрични возила до крајот на деценијата.
Ова го најави Дусман во интервјуто со германски Frankfurter Allgemeine Zeitung. Иако сето ова не значи крај на Audi модели со конвенционални мотори, сепак е назнака дека иднината води во таа насока. Според првиот човек на брендот, Audi ќе продолжи да ги развива своите постоечки мотори во обид да го одржи во согласност со регулативите за емисија на CO2 колку што е можно подолго. Но, компанијата нема да дизајнира и да развива целосно нови мотори.
„Euro 7 стандардите технички се огромен предизвик, а истовремено ќе има мала корист за околината од овие почисти мотори кои се тешки за развивање. Ова предизвикува екстремни рестрикции на моторите со внатрешно согорување“, вели Дусман. Ова значи дека се уште не постои конкретна временска рамка кога моторите на внатрешно согорување ќе бидат повлечени од понудата. Постојат и голем број пазари кои немаат развиена полначка мрежа како Европа, па Audi ќе продолжи да продава возила со конвенционални мотори во тие региони, откако ќе престане да ги продава на Стариот континент.
Во секој случај, Euro 7 регулативите нема да стапат на сила до 2025 година, а со оглед на тоа дека Audi ги подготвува своите мотори за поригорозните закони, ќе помине некое време пред целосно да ги пензионира своите мотори на внатрешно согорување.