fbpx

Pagani ја покажа бруталната Huayra R

По долгата тизер кампања, производителот на спортски хиперавтомобили Pagani, официјално ја покажа тркачката верзија на Huayra која го добива суфиксот R

Од Pagani новата Huayra R ја нарекуваат „ѕверка“ без граници која е „чист, пасиониран, моќен и волшебен автомобил“, наменет исклучиво за тркачките патеки, а во себе го има новиот V12-R мотор. Дизајниран целосно од почеток, во соработка со HWA AG, 6,0-литарскиот мотор со атмосферско полнење е „најлесниот, најмоќниот и најефикасен тркачки V12 агрегат некогаш направен“. Моторот испорачува импресивни 850 КС и 750 Nm максимален вртежен момент.

Huayra R

Само за моторната единица биле потребни повеќе од две години за дизајнирање и развој, а може да достигне до 9.000 вртежи во минута. Исто така, тој тежи 198 килограми и систем за директно вбризгување од 200 бари кој ги „оптимизира перформансите со осигурување на максимална ефикасност кога станува збор за термодинамиката и автономијата“.

Нов менувач

Моторот доаѓа во комбинација со нов шестстепен секвенцијален менувач, кој исто така е развиен во соработка со HWA AG. Менувачот тежи 80 килограми и содржи „тркачка спојка со три синтерирани метални дискови“. Од Pagani велат дека менувачот овозможува исклучително намалено време на менување, максимална прецизност при менувањето и ефикасност на триење од 95 проценти.

Pagani исто така разви и специјален издувен систем со четири издувни цевки за Huayra R со керамичка прекривка, а самите цевки имаат дебелина од само една третина од оние кои компанијата ги користи кај „обичните“ модели. Huayra R исто така користи и нова монокок шасија која ги инкорпорира најновите композитни технологии и ги интегрира седиштата за максимална заштита. Автомобилот исто така има и уникатни структури на страните за апсорбирање на удари, „рол бар“ и предна решетка од челична хром-молибдена легура, која е специјално дизајнирана за употреба на патеките.

Фокусот на перформансите е очигледно видлив од екстериерот, со оглед на тоа дека Pagani има за цел да генерира 1.000 килограми потисна сила при 320 километри на час. Како дел од ова, автомобилот е опремен со два нови отвори за воздух кои овозможуваат ладење на предните сопирачки, како и да го насочуваат воздухот кон страните на возилото.

Агресивен екстериер

Новите отвори на хаубата на Huayra R се тука за унапредување на стабилноста, додека вентилациските отвори над тркалата овозможуваат насочување на воздухот кон задните аеродинамички додатоци. Треба да се истакнат и масивниот дифузер и впечатливиот заден спојлер. Автомобилот има и специјално развиен систем на потпирање за подобри возни карактеристики.

Huayra R

Huayra R е дизајниран да ги пресретне и најстрогите FIA регулативи за GT возилата. Ова особено е забележливо во ентериерот, каде што седиштата имаат шест точки за безбедносните појаси и се прекриени во Nomex материјал кој е огноотпорен. Моделот исто така има и автоматски уред за гаснење за пожар, како и карбонски потпирачи за глава, кои овозможуваат латерална заштита.

Кога станува збор за ентериерот, Pagani Huayra R има управувач со контроли за подесување на сопирачките и системот за контрола на триење, како и радио и други важни функции. Тука е и целосно персонализирачкиот мотоспорт екран и сет за подесување на педалите креиран во соработка со AP Racing. Меѓу останатите карактеристики треба да се истакнат и „дата логерот“ и вториот контролен панел на централната конзола, кој нуди пристап до светлата, моторот и суспензијата.

Huayra R

Производството ќе биде ограничено на 30 единици, а цените почнуваат од 2,6 милиони евра, а идните сопственици ќе бидат поканувани на специјални, персонализирани настани како индивидуални денови на светски познати патеки.

Поврзани вести

Back to top button