Викенд тарифа: BMW M4 Competition против Audi RS5 и AMG C63 S
Нова интересна драг трка на германската премиум тројка, а во главната улога се перформансните адути BMW M4 Competition, Audi RS5 и AMG C63 S
Новиот BMW M4 Competition наиде на добар прием, но се уште треба да се докаже против својата директна и најтесна конкуренција. Одлична можност за такво нешто е драг трка против своите стари ривали, Mercedes-AMG C63 S Coupe и Audi RS5. Екипата на Throttle House неодамна успеа да ги собере овие три модели заедно на патеката и да види кој од нив ќе успее да триумфира во драг трка.
Пред да го погледнете видеото, треба да имате предвид дека M4 Competition се напојува со 3,0-литарски битурбо шестцилиндерски мотор со 510 КС и 650 Nm во комбинација со осумстепен автоматски менувач кој ги придвижува задните тркала. За споредба, AMG C63 S Coupe исто така има 510 КС, но и 700 Nm кои ги добива од својот 4,0-литарски битурбо V8 мотор кој е во комбинација со седумстепен автоматски менувач и погон на задните тркала. На крајот, тука е Audi RS5 со 2,9-литарскиот битурбо V6 со 450 КС и 600 Nm, како и Quattro систем за погон на сите четири тркала и осумстепен Tiptronic автоматик.