Renault ги претстави новите Kangoo Van, Express Van и Trafic
Францускиот производител на дигитален настан ги претстави своите нови комерцијални возила - целосно новиот Renault Kangoo Van, новиот Express Van и новиот Trafic
Renault ја претстави својата нова стратегија за лесните комерцијални возила, а со тоа и новите модели како што се Kangoo Van, Express Van и новиот Traffic. На својот втор настан посветен на комерцијалните возила, францускиот производител уште еднаш ја потврди својата позиција и своето искуство во овој сегмент каде Renault е присутен 120 години и отсекогаш бил лидер во иновацијата. Авто Плус на покана од регионалната канцеларија на Renault беше дел од интернет промоцијата која штотуку заврши.
„Го засиливме и обновивме опсегот со целосно новиот Kangoo Van, целосно новиот Express Van и новиот Trafic. Иновацијата Open Sesame од Renault која се наоѓа кај целосно новиот Kangoo Van е светска премиера во светот на лесните комерцијални возила. Како лидер во електричниот LCV сегмент во Европа, исто така ја подготвуваме иднината со нови електрични и хидрогенски производи и решенија“, изјави потпретседателот на Renault за LCV, Марк Сатклиф.
Нова LCV стратегија
Со обновувањето на својата понуда, Renault повторно ги пресретнува барањата и потребите на професионалците. Во сегментот на мали комбиња, Renault во понудата ги има целосно новиот Kangoo Van и целосно новиот Express Van. Kangoo е иновативно возило со атлетски и динамичен стајлинг, а воедно го револуционизиран сегментот со понудата на корисни иновации како што е Sesame Open by Renault, во комбинација со поголем комфорт и технологии во возилото. Од друга страна, целосно новиот Express Van е практично и ефикасно комбе со динамичен и робустен дизајн, кое нуди неспоредливи димензии, како што е најголемиот страничен пристап во својата класа и голем простор за складирање. Целосно новиот Express Van ќе се најде во продажба во Европа во април годинава, а моделот се истакнува со неколку карактеристики, пред се фактот дека поседува прегради за складирање со капацитет од 48 литри низ кабината, со што е лидер во својот сегмент.
Express Van
Покрај ова, Express Van ја има и најголемата ширина кога станува збор за лизгачката врата со простор од 716 милиметри, а задниот простор за складирање е најдолг и најголем за складирање со должина од 1,91 метри и капацитет од 3,7 кубни метри. Renault ја опреми новата генерација на ова комерцијално возило со најновите безбедносни системи, а меѓу новитетите се асистентот за преглед на задниот дел, голем број на системи за унапредување на прегледноста во слепите точки и Trailer Stability асистентот кој нуди поцврсто потпирање и триење на патиштата. Express Van добива и уште поголема конективност во внатрешноста со три USB и четири 12V приклучоци и 8-инчниот екран од Easy Link инфозабавниот систем со конективност за паметни телефони и навигација. Купувачите можат да бираат меѓу три бензински и дизел мотори.
Express Van на пазарот ќе пристигне со 1,3-литарскиот бензинец и 1,5-литарскиот Blue dCi дизел мотор во две конфигурации со 75 и 95 КС, а сите верзии пристигнуваат со шестстепен мануелен менувач.
Новиот Express Van нуди товарен капацитет од 780 килограми во бензинската, односно 650 килограми во дизел верзијата. Кога станува збор за дизајнот, Express Van е очигледно инспириран од Kangoo Van, а исто така го добива и карактеристичниот стил на Renault брендот со високо поставената предна решетка, посилниот преден браник, како и LED предните светла во форма на буквата С.
Kangoo Van
Кога станува збор за Kangoo Van, треба да се напомене дека овој модел пристигнува во две должини, а е наменет пред се за корпоративните флоти и сопствениците на мали и средни бизниси, кои со ова возило добиваат најнова технологија и иновација, која според Renault, ќе ги пресретне сите нивни барања. Новиот Kangoo Van исто така ја добива и најновата „hands-free“ технологија на Renault за бесконтактен пристап до возилото.
Она со што Kangoo се одликува е новиот Open Sesame систем кој овозможува најлесно странично складирање на товар во класата со отстранување на централниот столб и со отворање на совозачката врата под агол од 90 степени, со што се добива лесно пристапен отвор од 1.446 милиметри. Renault воведе и едноставна, но мошне практична карактеристика, а тоа е просторот за складирање на долги предмети, како што се скали. Товарниот капацитет на Kangoo Van и во својата базична верзија може да достигне товарен простор до 3,9 метри кубни, со што е најдобар во класата, а останатите верзии нудат простор меѓу 4,2 и 4,9 метри кубни простор. Новиот Kangoo Van ќе биде достапен во две големини, стандардна и продолжена, а конфигурацијата варира во зависност од бројот на седишта кои купувачите ги посакуваат.
Ентериерот поседува и 60 литри лесно достапни прегради за складирање и е достапен со две или три предни седишта, додека моделот пристигнува со 12 нови системи за асистенција на возачот како што се активното сопирање во итни случаи, зголемена прегледност во слепите точки, перманентна камера за заден преглед и така натаму. Новиот Kangoo Van ќе пристигне на пазарот во јуни оваа година.
Широка палета на мотори и електрична верзија
Кога станува збор за моторните единици, Kangoo Van е опремен со 1,3-литарскиот TCE бензински мотор кој доаѓа во две конфигурации (со 100 и 130 КС), како и 1,5-литарскиот Blue dCi дизел мотор, кој ќе има три варијанти (75 КС, 95 КС и 115 КС). Сите мотори пристигнуваат со шестстепен мануелец, а како опција за бензинецот од 130 КС и дизелот со 95 и 115 КС се нуди и седумстепениот EDC автоматски менувач.
Од Renault го најавија и целосно новиот Kangoo Van E-Tech Electric кој треба да пристигне кон крајот на 2021 година. Електричната варијанта ќе биде опремена со 44 kWh батерија која ќе нуди 265 километри на опсег на движење.
Renault Trafic Combi и Trafic SpaceClass
Renault не го заборави ниту сегментот на средни комбиња, па така одлучи да го обнови и Trafic со нов елегантен дизајн, поголема безбедност, пред се кога станува збор за патничките верзии, додека комерцијалната верзија ќе биде достапна кон крајот на 2021 година. Зависно од потребата, патничкиот Trafic доаѓа во Combi верзија, која нуди простор за голем број патници, или пак SpaceClass верзија наменета за превоз на VIP клиенти.
Новиот Trafic Combi е практично наменет за големите семејства, компании и локални власти кои нудат услуги за превоз на луѓе, а притоа ги исполнива потребите со помодуларно седење, без притоа да се направи компромис во комфортот и багажниот простор. Од друга страна, SpaceClass нуди разноликост, простор и ексклузивна удобност во ентериерот, а во Signature верзијата, која е опремена со кожен тапацир и високо квалитетен ентериер, патниците можат да се чувствуваат како да се во дневна соба со индивидуални лизгачки седишта.
Renault има решение и за оние кои сакаат авантури со Escapade верзијата, која е дизајнирана како возило за рекреација каде што клупата лесно се претвора во кревет, а тука се и отстранливата маса и дополнителните светла на задниот дел. Новите Trafic Combi и SpaceClass ќе бидат достапни од мај годинава.
Висока технологија и комфорт во ентериерот
Новите Trafic Combi и SpaceClass се опремени со „хендс-фри“ Renault технологија, која го отклучува и заклучува возилото како што возачот се наближува, односно оддалечува, без да го допира возилото. Двете верзии ќе бидат достапни во две должини, а ентериерот го нуди најголемиот простор за главата во сегментот. Зависно од изведбата, капацитетот на багажникот варира меѓу 1 и 6 метри кубни, додека во ентериерот може да се пронајдат прегради за складирање со капацитет од 86 литри.
Двете верзии се одликуваат со препознатливите предни LED светла во форма на буквата С, a Combi ја добива и новата боја на екстериерот Carmin Red, а ќе биде достапен и во уште шест други финиши на екстериерот.
Кога станува збор за оторните единици, базичниот модел пристигнува со новиот Blue dCi 110 dCi дизел мотор и шестстепен мануелец. По него следува Blue dCi 150 кој може да се добие со шестстепен мануелец или шестстепен автоматик. На врвот е Blue dCi 170 со шестстепен EDC автоматски менувач.
Француската компанија, како додаток на новата комерцијална постава, ги проширува и своите специјално креирани решенија и услуги со Renault Pro+ со цел да ги пресретне потребите на професионалците. Renault Pro+ нуди неколку решенија за конективност, со поддршка на мрежа од 626 Renault Pro+ бизниси. Покрај ова, француската марка работи и на полето на водородните ќелии, а пред крајот на 2021 година, Renault ќе го претстави Master Hydrogen. Со Plug Power, Renault има за цел да опфати 30 проценти од европскиот пазар за лесни комерцијални возила кои користат водороден погон до 2030 година.