fbpx

Xiaomi ќе произведува електрични автомобили

Кинескиот технолошки гигант Xiaomi е најновата компанија која сака да влезе во автомобилската индустрија со производство на сопствен електричен автомобил

Автомобилската индустрија, односно електрификацијата, станува примамлива и за компаниите кои немале никаква врска со автомобилите досега. По Apple, кинескиот технолошки гигант Xiaomi е најновата компанија која сака да влезе на пазарот со сопствен електричен автомобил. Првите најави за ваквиот потфат на кинескиот производител дојдоа пред неколку дена, откако се појавија информации дека Xiaomi наводно е во преговори со производителот Great Wall, со цел да искористи некој од нивните погони во Кина за производство на електрични автомобил под нивни сопствен бренд, а ќе биде во согласност со нивните производи во електронската индустрија.

Reuters пренесе дека Xiaomi и Great Wall ќе ги соопштат деталите околу сето ова веќе оваа недела, а сето тоа сега е потврдено и од страна на производителот на паметни телефони. Имено, Xiaomi ги најави своите планови за влегувањето во полето на електричните автомобили, а за таа цел ќе инвестира 10 милијарди долари во следните десет години.

Компанијата ќе основа целосно нова подружница, а иницијалната фаза од инвестицијата ќе изнесува 1,52 милијарди долари. Извршниот директор на компанијата, Леи Јун, исто така ќе биде прв човек и на автомобилската компанија. „Xiaomi се надева дека ќе понуди квалитетни паметни електрични возила со цел да им овозможи на сите во светот да уживаат во паметното живеење секаде и во секое време“, стои во соопштението на компанијата.

Технолошката компанија, која е трет најголем производител на паметни телефони, влегува во исклучително конкурентна индустрија во Кина. Не само што Xiaomi ќе се натпреварува со веќе етаблирани автомобилски производители во земјата, како Geely и BYD, туку и компаниите во подем како Nio и Xpeng Motors.

Кога станува збор за соработката со Great Wall, автомобилскиот производител ќе му нуди инжинерски совети на Xiaomi за проектот, а останува нејасно дали компанијата ќе ги користи и нивните погони за производство.

Поврзани вести

Back to top button