VW ID.3 пристигна во Македонија
Volkswagen ID.3, новиот целосно електричен адут на германскиот производител, сега е достапен и на македонскиот пазар, откако пристигна во продажниот салон во Скопје
Откако се појави на пазарот кон крајот на летото минатата година, Volkswagen ID.3 привлече огромно внимание меѓу купувачите во Европа, а ние имавме шанса да се увериме зошто е тоа така. Електричниот хечбек на германскиот гигант сега пристигна и во Македонија и е изложен во продажниот салон на Volkswagen во Скопје.
По својот габарит, VW ID.3 воопшто не отстапува од перцепцијата на еден класичен хечбек. Поставен на MEB модуларната платформа, електричниот модел се одликува со дутуристички дизајн и на екстериерот и во ентериерот. Предниот дел е нешто пократок, а тркалата се поставени на самите краеви, а пространоста во ентериерот е навистина великодушна.
Основниот модел во понудата пристигнува со 45 kWh батерија со која можат да се поминат 205 километри. Втората помоќна опција е опремена со 58 kWh батерија благодарение на која автономијата се зголемува на 330 километри, а на врвот е Pro S верзијата со батерија од 77 kWh и автономија од дури 550 километри.
ID.3 се напојува со електромотор поставен на задната страна, а најмоќната верзија има вкупна моќност од 204 КС и 310 Nm, а максималната брзина е ограничена на 160 километри, без оглед на која верзија ќе ја изберете, додека забрзувањето од нула до „стотка“ варира од 8,9 до 7,3 секунди.
Уште од најосновното ниво, електричниот хечбек ќе биде богато опремен, а зависно од нивото на опременост, купувачите добиваат 19-инчни тркала, камера за возење наназад, тонирани стакла LED Matrix светла, Beats аудио систем, панорамски покрив и head-up екран, гласовни команди, адаптивен темпомат, бесконтактно влегување и стартување меѓу другото.
Спецификации, верзии, нивоа на опременост…
Со оглед на футуристичкиот карактер и електричната природа, сите контроли во ентериерот сега се пристапни преку панели на допир, вклучително и оние на управувачот. Внарешноста се одликува со минималистички дизајн, а на контролната табла се наоѓа големиот инфозабавен систем со екран на допир, а пред управувачот се наоѓа нешто помалиот дигитален инструмент кластер.
На македонскиот пазар, Volkswagen ID.3 ќе се нуди со сите три батериски опции, четири верзии (Pure Performance, Pro, Pro Performance и Pro S) во дури осум нивоа на опременост – City, Life, Business, Family, Tech, Max, Tour 5 и Tour. Pure Performance верзијата пристигнува со батеријата од 45 kWh и има моќност од 150 КС, а ќе се нуди само со базичното ниво на опременост и неговата цена изнесува 36.997 евра. Моделот со помоќната батерија од 58 kWh ќе се нуди во Pro и Pro Performance верзии со моќност од 145 и 204 КС, а зависно од нивото на опременост, цените варираат од 39.454 до 49.373 евра за Max нивото на опременост.
На врвот се наоѓа VW ID.3 Pro S кој пристигнува со батерија од 77 kWh и моќност од 204 КС, а ќе се нуди во две нивоа на опременост, и тоа оние највисоките – Tour 5 и Tour. Зависно од тоа, цената изнесува 49.818, односно 51.894 евра.
За повеќе информации посетете го официјалниот сајт на Volkswagen во Македонија, или пак посетете го продажниот салон на Порше Скопје.