fbpx

GMC го претстави електричниот Hummer SUV

GMC изминатиот викенд го откри изгледот и ги претстави првите детали за новиот електричен Hummer SUV

Новиот електричен Hummer SUV пристигнува откако GMC ја претстави пикап варијантата, а се одликува со препознатливата предница со светлечка решетка на чии краеви се наоѓаат тенките фарови. Под решетката се наоѓа мускулестиот браник и заштитната плоча. Електричниот SUV се одликува и со грубите предни крила како и исправеното предно стакло. Таканаречената Infinity Roof покривна линија е пресликана од пикап моделот и се одликува со отстранливи панели кои можат да се остават во предниот багажник. Сепак, најголемата новост е затворениот заден дел, кој го разликува од претходниот модел.

Моделот изгледа одлично и во својата стандардна форма, а сопствениците ќе можат дополнително да го персонализираат својот модел со речиси 200 аксесоари кои ќе бидат достапни при лансирањето. Моделот исто така може да биде опремен и со Extreme Off-Road пакетот.

https://youtu.be/VpTj8q4ZD9U

Ентериерот со пет седишта е сличен со оној кај пикап моделот. Возачот пред себе ќе најде 12,3-инчен дигитален инструмент кластер како и 13,4-инчен инфозабавен систем. Hummer SUV исто така има и лебдечка централна конзола, карактеристичен селектор на брзини и Super Cruise полуавтономен возачки систем, кој овозможува „hands-free“ возење на повеќе од 320.000 километри компатибилни патишта во САД и Канада. Hummer исто така ја користи и засилената верзија на Super Cruise која овозможува и автоматизирано менување на коловозните ленти.

Hummer SUV

Исто како и пикап моделот, така и SUV верзијата е базирана на Ultium платформата на General Motors и ќе биде лансиран во ексклузивниот Edition 1 трим. Моделот ќе влезе во производство во 2023 година, а почетната цена ќе изнесува 105.595 долари. За дополнителни 5.000 долари купувачите можат да го добијат и Extreme Off-Road пакетот.

Edition 1 моделот има погон со три електромотори кои развиваат до 842 КС и вртоглави 15.592 Nm вртежен момент. Ова ќе му овозможи на електричниот SUV да забрза од нула до „стотка“ за нешто повеќе од 3,5 секунди. Не е познато дали моделот ќе добие варијанта со 1.014 КС како пикап камионетот, но SUV верзијата ќе има опсег на движење од 483 километри со едно полнење. Extreme Off-Road пакетот ја намалува таа дистанца на 450 километри.

Неколку месеци подоцна, во пролетта 2023 година, Hummer ќе ги лансира 2Х и 3Х варијантите. 3Х го има истиот погон како Edition 1, но ќе загуби некои од своите специјални карактеристики. Исто така, оваа верзија ќе има помала почетна цена од 99.995 долари. 2Х ќе стартува од 89.995 долари и ќе има погон со два електромотори кои испорачуваат 634 КС и 10.033 Nm. GMC не открива колку ќе биде брза оваа верзија, но моделот ќе има опсег на движење над 483 километри, исто како и помоќните варијанти.

https://youtu.be/HwLvqvcWEos

На пролет 2024 година, GMC ќе ја лансира базичната 2 варијанта за 79.995 долари. Оваа верзија исто така ќе има моќност од 634 КС и 10.033 Nm вртежен момент. Но, моделот ќе добие и 400-волтна полнечка технологија и помала батерија која ќе нуди опсег над 400 километри. Купувачите ќе можат да ја унапредат полнечката технологија на 800V и да добијат поголема батерија за над 480 километри опсег.

Комплетните детали за новиот Hummer електричниот SUV ќе бидат познати наскоро со комплетната премиера на возилото.

Поврзани вести

Back to top button