fbpx

GMC ги објави деталите за новиот Hummer EV SUV

По премиерата минатиот викенд, GMC сега објави нови фотографии и ги сподели деталите за новиот електричен SUV модел Hummer

Hummer EV SUV ја забележа својата премиера, но GMC не ги објави комплетните детали за новиот електричен теренец. Сега, заедно со нова доза на фотографии, пристигнуваат и спецификациите за Hummer SUV кој ќе се приклучи на електричниот пикап во поставата. Новиот електричен автомобил е 4.999 милиметри долг, а меѓуосовинското растојание изнесува 3.218 милиметри.

Hummer EV SUV

Ова значи дека SUV моделот е помал од пикап камионетот со оглед на тоа дека е 508 милиметри пократок и има 226 милиметри помало меѓуосовинско растојание. Но, од GMC истакнуваат дека SUV верзијата подобро се снаоѓа во маневрирањето благодарение на достапниот 4 Wheel Steer систем.

Голем број на оф-роуд технологии и системи

Исто така, моделот се очекува да биде вистинска „оф-роуд ѕверка“ со оглед на тоа дека има кратки надвиснувања и максимален клиренс од 406 милиметри. Покрај тоа, истиот се карактеризира со пристапен, поаѓачки и агол на пробивање од 49,6, 49 и 34,4 степени. Hummer EV SUV исто така ќе се понуди и со CrabWalk и Extract режимите. Првиот му овозможува на електричниот SUV да се движи дијагонално, додека вториот го подигнува возилото за околу 152 милиметри со цел да се избори со непристапните и тешки терени.

MyGMC апликацијата ќе добие и нова функција за мапирање на оф-роуд патеките наменета за Hummer сопствениците. Покрај тоа што ќе им помага на возачите при навигацијата на непристапни терени, мапирањето ќе има и силен фокус на опсегот и блиските полнечки станици, бидејќи нема ништо полошо од тоа да останете без „гориво“ среде пустелија. Рутите и плановите можат да се симнат од апликацијата на телефонот на возачот, а потоа да се проектираат на 13,4-инчниот инфозабавен систем.

Hummer EV SUV

Покрај ова, SUV моделот ќе се нуди со достапната Power Station функција. Со ова, Hummer се претвора во џиновска батерија, која може да снабди до 3 kW моќност за опрема како што се сијалици или телевизор со што кампувањето би се направило полесно. Power Station исто така може да се користи и за полнење на други електрични возила.

Возењето со една педала е популарно меѓу сопствениците на електричните автомобили, а GMC го унапреди за оф-роуд примена, па возачите едноставно можат да ја користат педалата за забрзување за бавно патување преку тешките терени. Моделот исто така пристигнува и со Terrain режим, кој „уникатно го интегрира сопирачкиот систем со возење со една педала, давајќи му на возачот прецизна контрола при оф-роуд возење и минување низ карпести предели“.

Hummer EV SUV

Првата верзија доаѓа на почетокот од 2023

Пикап и SUV моделот се дизајнирани заедно и содржат голем број на стилски сличности. Сепак, задниот дел е уникатен за SUV верзијата, а задната врата се отвора „како сеф“, нудејќи експанзивен 1.219 милиметри отвор со што товарењето и истоварувањето се далеку поолеснети. Кога станува збор за багажникот, купувачите ќе добијат 2.316 литри багажен капацитет кога задните седишта се преклопени. Оваа верзија исто така има дополнителен простор сокриен под подот на багажникот, како и во предниот багажник.

Edition 1 верзијата ќе се нуди со ексклузивна Moonshot Green боја, која е првата мат боја на GMC. Уште седум други бои ќе бидат достапни, вклучително и некои привлечни нијанси како сина и портокалова.

Повеќето верзии ќе добијат Ultium батерија со 20 модули која нуди повеќе од 483 километри опсег на движење. Од GMC не открија многу спецификации, но повисоките варијанти ќе добијат 800-волтна технологија и способност за брзо полнење до 300 kW. Ова ќе им овозможи на сопствениците со 10-минутно полнење да добијат до 160 километри опсег.

Hummer EV SUV

Edition 1 верзијата е веќе резервирана и ќе пристигне кон почетокот на 2023 година со почетна цена од 105.595 долари. останатите верзии, како 2Х и 3Х ќе пристигнат на пролет во 2023 по цена од 89.995 и 99.995 долари. По нив ќе следува базичната 2 варијанта на пролет 2024 и ќе има цена од 79.995 долари.

Поврзани вести

Back to top button