Премиера за освежениот Škoda Kodiaq
Чешкиот производител Škoda го претстави освежениот Kodiaq кој пристигнува со редизајниран изглед и бензински RS модел во својата постава
Најголемиот SUV на Škoda, моделот Kodiaq, го доби своето освежување на средина од животниот век. Лансиран во 2016 година, Kodiaq се најде на пазарот во повеќе од 60 земји и забележа 600.000 продадени примероци, со што овој модел се покажа како исклучително успешен за чешкиот производител.
https://youtu.be/iefvN9OV5IM
Промени на екстериерот
Козметичките промени на екстериерот не се така лесно воочливи на прв поглед, но тука е редизајнираната хауба и поисправената предна решетка, додека фаровите се потенки од претходно и содржат Matrix LED технологија како опционална опрема. Направените промени имаат и функционална примена бидејќи Kodiaq е поаеродинамичен од претходно по промената на браниците и поставувањето на нов покривен спојлер.
Зависно од нивото на опременост, освежениот SUV може да се добие со тркала од 17, па се до 20 инчи, а дел од нив се унапредени со цел да се намали коефициентот на отпор на воздух. Високоперформансниот Kodiaq RS сега е поставен на нов сет од 20-инчни полирани тркала финиширани во металик црна боја и се опремени со аеро пластични штитови. Дополнителни, претходно недостапни тркала, се лансирани за послабите верзии со цел купувачите да добијат поголем избор.
Во кабината, опционалните ергономски седишта се обложени со перфорирана кожа и имаат функција за масажа, вентилација и греење, како и електронско подесување. Некои нивоа на опременост можат да се добијат со еко седишта кои се направени користејќи рецикиклирани материјали од зеленчук, додека базичните модели добиваат нов текстилен тапацир. Опционалниот M Package пакет за Style нивото на опременост нуди комбинација на кожа и текстилен тапацир. Вклучени се и интеграцијата со паметен телефон, унапреденото радио и функциите на далечина.
Двокракиот управувач кој се најде кај другите понови модели на Škoda е додаден и кај Kodiaq, заедно со пософистицираното LED амбиентално осветлување. Тука е и унапредениот Canton аудио систем со десет звучници, како и најновиот 10,25-инчен дигитален инструмент кластер и 9,2-инчниот екран на допир од инфозабавниот систем.
Дизелот кај RS заминува во историјата
Како што беше најавено, Kodiaq RS го исфрла својот битурбо дизел мотор. Наместо тоа, 2,0-литарскиот TSI кој се наоѓа кај Octavia RS ќе биде монтиран кај овој SUV кој испорачува 245 КС, односно 5 коњски сили повеќе отколку BiTDI. Исто така, тој е 60 килограми полесен, додека ревидираниот седумстепен DSG менувач „ослабна“ за дополнителни 5,2 килограми. За максималниот вртежен момент Škoda не открива детали, но истиот агрегат кај Octavia RS испорачува 370 Nm.
Меѓу останатите моторни единици во поставата, тука се 1,5-литарскиот TSI со 150 КС за базичниот модел со погон на предните тркала, кој воедно ќе биде и единствената верзија со шестстепен мануелец. Достапен е и помоќниот 2,0-литарски TSI со 190 КС, како и 2,0-литарскиот TDI Evo со 150 или 200 КС. Зависно од изборот на погонот, купувачите можат да го нарачаат освежениот Kodiaq со седумстепен DSG менувач и опционален погон на сите четири тркала.
Освежениот Škoda Kodiaq ќе се најде во продажба во Европа од јули.