Škoda ја претстави новата перформансна Octavia RS

Škoda претходно годинава ја претстави Octavia RS iV plug-in хибридниот модел, првиот електрифициран RS модел на чешката компанија

По Octavia RS iV plug-in хибридниот модел, сега, Škoda ги лансираше традиционалните бензин и дизел варијанти на 2020 Octavia RS, а како и претходно, тие пристигнуваат во седан и караван верзија. Како и во RS iV plug-in хибридот, така и бензинскиот Octavia RS испорачува 245 КС и 370 Nm вртежен момент. Сето тоа благодарение на 2,0-литарскиот TSI турбо четирицилиндричен мотор, кој се нуди со стандарден шестстепен мануелен менувач, а како опција се нуди седумстепениот DSG менувач со двојна спојка. Со автоматик менувач, Octavia RS TSI од нула до „стотка“ стигнува за 6,7 секунди. Тоа е 0,6 секунди побрзо од Octavia RS iV plug-in хибридниот модел. Максималната брзина на автомобилот е ограничена на 250 километри на час.

Дизел варијантата е опремена со 2,0-литарскиот TDI мотор кој испорачува 200 КС и 400 Nm максимален вртежен момент. Octavia RS TDI доаѓа исклучиво со седумстепен DSG менувач со двојна спојка. Притоа, тој е единствениот RS модел кој може да биде опремен со погон на сите четири тркала. Со оваа опција, Škoda Octavia RS TDI од нула до „стотка“ стигнува за 6,8 секунди.

Škoda Octavia RS

Сите три Octavia RS модели доаѓаат со спортски aero body kit, кој се најде кај RS iV моделот претходно годинава. Надворешноста се истакнува со RS браници, решетка и црни детали, како и ексклузивни LED светла за магла, 18-инчни црни фелни и црвени кочници. Фул LED Matrix предните светла, кои дебитираа кај четвртата генерација на Octavia, пристигнуваат како стандардни кај RS.

Škoda Octavia RS

Кога станува збор за ентериерот, во него доминира црната боја и нуди стандардни спортски седишта, трикрак кожен управувач, Алкантара детали, црвени шевови и декоративни парчиња со специјален RS изглед. Стандардната опрема вклучува и дигитален инструмент кластер и поголема верзија на инфозабавниот систем – двата со графика наменета за RS верзијата.

Сите RS модели пристигнуваат опремени со прогресивно управување и спортски систем на потпирање. Dynamic Chassis Control адаптивниот систем на потпирање ќе биде достапен како опција. Škoda веќе ги прима нарачките, а првите примероци ќе бидат испорачани до купувачите до крајот на годината.

Клучни зборови

Поврзани вести

Back to top button
Close