Bentley Continental GT Speed доби своја кабрио изведба
По претставувањето на Continental GT Speed, Bentley сега го покажа и неговиот „брат“ со отворен покрив, кој го добива суфиксот Convertible крај своето име
Bentley пред извесно време го претстави Continental GT Speed моделот, а сега подготви и негова кабрио изведба. Continental GT Speed Convertible е опишан од страна на Bentley како „кабрио модел кој е најфокусиран кон возачот во поставата на Continental GT“. Новиот модел ги добива сите карактеристики како и „обичниот“ модел, со тоа што возачот ќе има шанса малку повеќе да ужива во сонцето и ветерот.
Поставен на врвот од новото семејство на Continental, заедно со купе верзијата, кабрио моделот има таканаречен Z-Fold покрив кој ја намалува бучавата од патот во споредба со својот претходник. Од Bentley велат дека изолационите материјали го прават тивок како претходната генерација на Continental GT купето. Покривот може да се собере за 19 секунди при брзина до 50 километри на час и може да се нарача во седум различни бои.
Како што е вообичаено за Bentley, унапредувањата на екстериерот се дискретни и вклучуваат Speed беџови на предните крила, затемнети горна и долна предна решетка, редизајнирани прагови и специјални 22-инчни тркала во сребрена или црна боја.
Луксуз и комфор со отворен покрив
Кабината е обложена во комбинација на Алкантара и кожа во 15 глави и 11 секундарни бои, дијамантски вез, Speed логото поставено на потпирачите за глава, црн пијано фурнир, спортски педали, ексклузивни плакети, управувач обложен во Алкантара и новиот Dark Tint Engine Turned Aluminium опционален изглед за централната конзола. Кога станува збор за дополнителниот комфор, тука е греењето за вратот, греењето на управувачот, потпирачите за раце и седиштата.
Битурбо 6,0-литарскиот W12 мотор, рачно изработен од страна на Bentley испорачува 659 КС и 900 Nm. Од нула до 60 милји на час (0-96 км/ч), новиот Bentley Continental GT Speed Convertible стигнува за 3,6 секунди, 0,1 секунда побавно од купето, а максималната брзина е 335 километри на час.
Моторот и осумстепениот менувач се рекалибрирани, а автомобилот исто така добива и адаптивни амортизери, електронски заден диференцијал, активен систем за погон на сите четири тркала, управување на четири тркала и опционални карбон керамички сопирачки.