Rimac гради нов, ултра модерен комплекс во Хрватска
Хрватскиот производител на електрични хиперавтомобили е во огромен налет, а најновите планови на Rimac вклучуваат изградба на нова фабрика
Мате Римац, сопственикот на компанијата Rimac, најави нова голема инвестиција во Хрватска. Според најавите, Rimac ќе вложи 200 милиони евра во отворање на нова фабрика и центар за истражување и развој. Станува збор за голем, ултра модерен комплекс каде ќе биде обединет процесот на производство и склопување на автомобилите, како и развојот на нови модели и технологии.
Во моментите кога ја стартувал својата компанија, Мате Римац минувал крај еден замок во околината на Загреб, а локацијата веднаш му паднала во очи и посакал таму да изгради нов комплекс. Сега, тој сон почнува да му се остварува, откако ја купил целата површина околу замокот. Кампусот кој Rimac ќе го гради е со површина од 70.000 метри квадратни и ќе служи за растечките потреби на компанијата. Џиновскиот комплекс е дизјаниран да биде што е можно поотворен, а притоа да ги пресретне сите потреби на компанијата која достигна до 2.500 вработени лица.
Мате Римац тврди дека иако компанијата не планира да произведува голем број на возила, со оглед на тоа дека е производител на хиперавтомобили, целиот простор е потребен за развој на батерии и електромотори. Откако неодамна Porsche го зголеми својот удел во хрватската марка, Rimac ќе произведува компоненти не само за себе, туку и за други автомобилски производители.
Кампусот е лоциран на само 16 километри од Загреб, но Римац не сака истиот да биде премногу индустриски или да наликува на град. Исто така, на локацијата ќе има и тркачка патека, заедно со сектор за испитување и производство на батерии, команден центар, простор за одмор, ресторан, теретана, соби за видео игри и опуштање, изложбен салон, музеј, градинка и посебни простории за сместување на гостите.