Новиот Hyundai i20 сега и во Македонија
По светската премиера која ја доживеа минатата година, новата генерација на субкомпактниот хечбек на Hyundai, моделот i20, пристигна на македонскиот пазар
Новиот Hyundai i20 сега е достапен и во Македонија, откако малиот хечбек на корејскиот производител пристигна во продажниот салон на Ми-Да во Скопје, а нашата редакција имаше можност одблиску да се запознае со него. Новата генерација на i20 пристигнува со целосно нов дизајн и со поатрактивен изглед во однос на својот претходник, а тоа може да се забележи и на прв поглед.
На предниот дел се наоѓа голема решетка, а поради острите агли се добива еден поспортски впечаток. Ниту задниот дел не остана имун на промените, а делува и поатрактивно од предниот дел. Она што најмногу отскокнува е светлечката LED лента која ги спојува задните светла.
Големи промени се направени и во кабината. Конкретниот модел кој го забележавме е во највисокото, Impression ниво на опременост, а тоа значи дека со себе носи 10,25-инчна дигитална инструмент табла, заедно со 10,25-инчниот централен екран од инфозабавниот систем.
Новиот i20 пристигнува со Apple CarPlay и Android Auto конективност, како и SmartSense безбедносниот пакет и останатите напредни системи за асистенција. Исто така, конкретниот модел кој го забележавме пристигнува и со задна камера, асистенција за одржување во коловозната лента и ред други додатоци.
На македонскиот пазар, новата генерација на Hyundai i20 ќе се нуди во пет нивоа на опременост и со три различни моторни единици, а тоа се 1.2 и 1.4 MPi, како и 1,0-литарскиот T-GDI. 1,2-литарскиот агрегат пристигнува со петстепен мануелен менувач, додека останатите два мотори се во комбинација со шестстепен мануелец.
Цените, зависно од нивото на опременост и моторната единица, варираат од 13.300 евра, која е почетна, па се до 20.100 евра за моделот со 1,0-литарскиот T-GDI мотор и Impression ниво на опременост.