Rimac ја најави премиерата на продукцискиот C_Two
Rimac C_Two долго време се исчекува, а по дебито во 2018 на Салонот во Женева, Rimac веќе ја прикажа прототип верзијата на електричниот хиперавтомобил
Хрватската компанија Rimac Automobili го претстави целосно електричниот C_Two концепт на Салонот во Женева во 2018 година. Сега, три години подоцна, производителот го објави последниот тизер со кој потврдува дека продукциската верзија на хиперавтомобилот конечно ќе ја доживее својата премиера. И тоа ќе се случи утре (1 јуни).
Конечно, по три години чекање, јавноста ќе го види најмоќниот електричен хиперавтомобил на светот, но и тоа со себе носи нова доза на интриги. Хрватскиот производител објави тизер видео во кое најави дека продукциската верзија на C_Two ќе пристигне со „поекстремни перформанси, ново официјално име, претопувачки карактеристики, неверојатна технологија и исклучително инженерство во својата конечна форма“.
Rimac требаше да го претстави конечниот C_Two на Салонот во Женева минатата година кој беше откажан поради коронавирусот. Уште тогаш, хрватската компанија потврди дека C_Two ќе има поинакво име во својата продукциска форма, но се уште не е познато тоа име.
Според актуелните бројки, C_Two испорачува 1.914 КС и 2.300 Nm вртежен момент кои ги добива од своите четири електромотори кои му овозможуваат да забрза од нула до „стотка“ за помалку од две секунди, а максималната брзина изнесува 412 километри на час. Згора на тоа, хиперавтомобилот има опсег на движење од цели 550 километри според WLTP циклусот благодарение на неговата 120 kWh батерија.
Rimac C_Two се одликува и со карбонска монокок шасија, активна аеродинамика и засилена суспензија со електронско подесување на амортизерите. Покрај ова, има и полуавтономни возачки системи благодарение на комбинацијата на осум камери, еден Lidar сензор, шест радар сензори и 12 ултрасонични сензори.