Carrozzeria Touring Superleggera слави 95 години со Arese RH95
Најавен пред околу еден месец, компанијата Carrozzeria Touring Superleggera го претстави моделот Arese RH95 во чест на својата 95-годишнина
Arese RH95 го доживеа своето деби со цел да прослави 95 години постоење на компанијата Carrozzeria Touring Superleggera. Од компанијата велат дека нивната нова креација може да се опише како еволуција на Streamline стилската филозофија најавена со Disco Volante Coupe.
Иако не открива врз кој автомобил е базиран, Arese RH95 поседува V8 мотор кој испорачува иста моќност како Ferrari F8 Tributo, односно 720 КС и 770 Nm максимален вртежен момент кои се пренесуваат на задните тркала преку седумстепен автоматски менувач со двојна спојка. Спринтот од нула до „стотка“ се стигнува за 3 секунди, а може да достигне максимална брзина од 330 километри на час.
Дел од AERO моделскиот опсег на компанијата, новиот суперавтомобил се одликува со карактеристичен и специфичен дизајн, а ергономските решенија во ентериерот го прават Arese RH95 соодветен и за секојдневна употреба.
Со цел да обезбедат најмала можна тежина, а со тоа и подобри перформанси, каросеријата на автомобилот е направена од карбон. За максимална прецизност и квалитет, секој елемент е произведен со вакуумска инфузија при 120 степени целзиусови, а Touring Superleggerа ветува и најдобар сооднос меѓу тежина и крутост. Секој од 18-те примероци кои се планирани за производство ќе бидат детално и темелно тестирани пред да бидат испорачани до сопственикот.
„Arese RH95 е уште еден важен момент во историјата на Touring, 95 години по основањето. Уште еднаш ја покажуваме нашата можност за иновација, воспоставената пракса преку прифаќање на врвни материјали и конструкциски техники кои се невообичаени за нас“, изјави Салваторе Странчи, генералниот менаџер на Touring Superleggera.