Краток тест VW ID.3: Нова ера за народниот автомобил
Компанијата Volkswagen во својата визија за иднината јасно истакнува дека електрификацијата е патот по кој тие одлучиле да се движат. Со потполно новата гама на електрични автомобили марката планира да го достигне успехот на моделите кои го етаблираа брендот. Затоа, моделот ID.3 се смета за третиот „столб“ по легендарната „Буба“ и Golf, тој е најважниот модел во историјата, со кој Германците целат да станат светски лидери во електричната мобилност.
Тимот на Авто Плус како единствен медиум од нашата земја имаше ексклузивна прилика да присуствува на неговата светска премиера, ден пред отворањето на Франкфуртскиот автосалон во септември 2019 година. По подолг период и неколкумесечни одложувања за почеток на производството, како и познати „пандемиски проблеми“ конечно имаме прилика да седнеме зад управувачот на ID.3 на кратко тест запознавање и тоа на домашен терен, во Македонија.
Новиот, револуционерен дизајнерски пристап што Volkswagen го користи на надворешниот стајлинг е изведен под силно влијание на аеродинамиката како автомобилот би добил што помал отпор на триење при негово движење. Тоа од друга страна не значи дека екстериерот е единствено подреден на функцијата, напротив, дизајнот игра голема улога во целата приказна. Неговиот изглед се карактеризира со меки, смирени, минималистички линии кои имаат намена да создадат топол, пријателски впечаток штом се пријде до автомобилот.
Во чекор со модерното
Истиот пристап во градењето е користен и кога ќе се отворат вратите од кабината. Во внатрешноста владее „максимален“ минимализам, единствени хардверски прекинувачи се оние за контрола на прозорите и лостот за менување на брзините поставен високо во близина на управувачот. Едноставно сè е подредено во дигитализиран правец, софтверот, екраните, капацитативните прекинувачи и слајдерите се движечката сила на новата, напредна генерација на автомобили. Како дел од дигиталниот спектрум на автомобили, ID.3 е подготвен во секоја прилика да внимава на случувањата без разлика дали е тоа отвортен пат или градски сообраќај преку прегршт напредни системи кои му асистираат на возачот во секоја прилика.
Во меѓувреме, престојот во кабината содава опуштена атмосфера преку внимателно спарените бои, текстури на материјалите и можности за персоналицазија на амбиенталното осветлување. Благодарение на несекојдневно долгото меѓуоскино растојание и дарежливите димензии на внатрешноста, комфорот е забележлив во сите правци што во целост ќе го уживаат 4 лица. Дури делува дека понудениот простор доаѓа од возило кое е со далеку поголеми надворешни габарити, вклучувајќи го тука и багажниот дел кој што е поголем одколку кај моделот Golf, т.е панданот од светот на возила со мотори кои работат по принципот на внатрешно согорување.
Како претставник на новата филозофија моделот ID.3 користи и нова платформа која што преферира погонската моќ да биде насочена кон задните тркала. Во најмоќниот и најопремениот Pro S модел кој ни беше на одстапен на располагање за производство на сила е задолжен електричен мотор со јачина од 204 КС кој енергијата ја црпи од батерија со капацитет од 77 kWh. Истата, му овозможува радиус на движење од речиси 550 километри со едно полнење, се разбира доколку се следи препорачаниот начин и брзини на движење во сообраќајот.
Електрична сигурност и доверливост
Откако ќе се испразни батеријата, таа има можност за брзо надополнување преку полнач со систем од 125 kWh на кој ќе му биде потребно 30 минути да ја донесе батеријата од 0 до можност повторно да помине реални 320 километри. Се разбира дека во домашни услови полнењето не е изводливо со оваа брзина, затоа препорачливо е тоа да се изведува во текот на ноќта кога цената на електричната енергија е пониска што дополнително позитивно влијае врз трошоците на експлатација. Вербата во својот батериски склоп Volkswagen ја поткрепува со 8 годишна гаранција или 160.000 километри. Во возење ID.3 делува максимално рафинирано, удобноста е на завидно ниво, додека за чувството на возбуда зад управувачот е задолжен спортскиот модус на работа преку кој се достигнува и максималното забрзување од 0 до 100 км/ч. за помалку од 8 секунди.
Можеби појавувањето на ID.3 се чекаше повеќе од вообичаено, но сега кога е тука пред нас ја согледуваме неговата важност, не само за германската компанија туку и за целокупниот автомобилски свет кој секојдневно се трансформира и движи кон мобилност која ќе донесе 0% директно загадување на животната средина.
Цена на тестираниот модел 51.894 евра
Технички податоци за Volkswagen ID.3 Pro S:
мотор | електричен |
максмална моќ | 150 kW (204 КС) |
макс. вртежен момент | 310 Nm |
капацитет на батерија | 77 kWh |
пневматици | 215/50 R19 |
должина х ширина х висина | 4261 х 1809 х 1568 мм |
меѓуоскино растојание | 2770 мм |
багажен капацитет | 385 литри |
максимална брзина | 160 км/ч |
забрзување (0-100 км/ч) | 7,9 секунди |
автономија | 549 километри |
емисија на CO2 | 0 г/км |
Повеќе информации во Порше Македонија или на официјалниот сајт на Volkswagen во Македонија.