fbpx

Тест ZD D2: Електричен одговор на урбаниот хаос

Кинеската автомобилска индустрија зема голем замав на глобално ниво, а на домашниот пазар фокусот е се поголем кон електрификацијата. Кина стана вистинска Мека за електричната мобилност, а производителите не ги штедат ресурсите за да подготват вистински одговор на ова поле. Токму затоа е создаден и ZD D2, кој претставува вистинско решение за хаосот во урбаната џунгла со 100% електричен погон кој е пријателски настроен кон околината

За минијатурниот и компактен електричен Zhidou D2 велат дека е најдостапниот електричен автомобил на пазарот. Редакцијата на Авто Плус доби шанса да се увери во можностите на ова мало, но навистина корисно возило и мораме да кажеме дека ги исполни очекувањата кога станува збор за урбаната електрична мобилност.

Прво нешто што треба да се знае за ZD или Zhidou е дека оваа компанија специјализирана за производство на електрични автомобили е во сопственост на кинескиот гигант Geely во чија сопственост се наоѓаат и други познати брендови како Volvo и Polestar.

Компактност и функционалност

Кога станува збор за еден од најпопуларните модели на ZD, а тоа е малиот градски автомобил D2, вреди да се истакне дека неговиот компактен и минијатурен дизајн не му одмогнува да остане незабележан. Напротив, и самите се уверивме дека ZD D2 е доста привлечен за минувачите, кои љубопитно погледнуваа кон нас. Модерниот дизајн секако дека има свој придонес во тоа, како предниот спортски браник, но и прекрасното решение за светлосните групи кои пристигнуваат со LED дневни светла. Впечатокот е дека и покрај тоа што е мал автомобил, дизајнот и функционалноста се навистина на високо ниво.

Првата помисла секако е споредбата со Smart, а треба да се истакне дека D2 е нешто подолг што му дава некои предности, пред се багажниот капацитет, кој е исклучително голем за оваа класа на возила, од речиси 200 литри.

Секако, едно од главните прашања кога станува збор за едно вакво компактно возило е просторот во внатрешноста. Ентериерот е елегантно хармонизиран, пред возачот се наоѓа управувачот обложен со кожа, а зад него се инструментите кои ја покажуваат потрошувачката на струја и опсегот на движење кој во преостанува. Во средината се наоѓа и дигиталниот инструмент кластер на кој се испишани најосновните информации кои се потребни, а кога батеријата ќе се испразни до 50 проценти тогаш се вклучува и точниот опсег на движење кој ни останува на располагање, што е од голема помош кај електричните возила.

Елегантно спакувана внатрешност

На контролната табла се наоѓа и големиот дигитален 9-инчен инфозабавен екран базиран на Android, кој има солидна респонзивност и лесно се поврзува со паметни телефони. Многу е важно и тоа што контролната табла имаме одлично и логично поставени физички контроли кои го олеснуваат управувањето со клима-уредот. Иако станува збор за мал автомобил, седиштата можат да се подесуваат, но едиствено кон напред или кон назад, а поставеноста е нешто повисока со оглед на тоа дека батериите се сместени во подот на автомобилот. Интересно, паркинг сопирачката е всушност „ножна“ сопирачка, слично како кај старите модели на Mercedes, додека менувачот исто така се наоѓа на необично место, веднаш зад управувачот.

Најинтересно од се е што ZD D2 всушност и не е автомобил. Да, добро прочитавте. Ова возило се води како четирицикл и како такво давачките за регистрација се доста помали, а кога на тоа ќе се додаде цената од под 14.000 евра(односно акциската е околу 12.000), како и непостоењето на стандардните трошоци кои доаѓаат со конвенционалните, тогаш јасни се предностите кои ги нуди ова возило.

Под хаубата се наоѓа електромоторот со моќност од 20 КС и 90 Nm вртежен момент, што за автомобил со ваква големина и класа е сосема доволен. Забрзувањето е инспиративно – 7,9 секунди, додека максималната брзина варира помеѓу 85 и 90 километри на час, што е повеќе од доволно за градските улици. Благодарение на предниот Макферсонов систем на потпирање, D2 може да се пофали со навистина добра прецизност во управувањето, а во комбинација со малите димензии и неговата тежина од само 700 килограми, потешките маневри и полукружното свртување ги совладува како од шега. Малото меѓуосовинско растојание значи и дека нерамнините и дупките на улиците ќе бидат понагласени, но тоа е проблемот кај сите мали автомобили.

Zhidou D2 тест

Ги разбива стереотипите за градските ЕВ

Една од главните работи кои традиционално не се во корист на електричните автомобили е стравот од тоа колкава автономија на движење корисниците имаат на располагање меѓу полнењата. Со Zhidou D2 таков проблем не постои. Имено, со оглед на тоа дека станува збор за мал и градски автомобил, D2 нуди опсег на движење од 180 километри со полна батерија што е повеќе од доволно за без проблеми да се завршат секојдневните обврски, а притоа не морате да се грижите за паркинг место, бидејќи ова мало возило го собира буквално секаде, а ако го приклучите на полнач, тогаш и паркингот ви е бесплатен. Кога станува збор за полнењето, батеријата се полни од 15 до 100 проценти за 5 часа ако е приклучен на некој од јавно достапните полначи на ЕВН (од Лисиче до Карпош… и на повеќе места низ Македонија) и Градски Паркинг (во катните гаражи во цетар), додека во домашни услови полнењето се одвива нешто подолго.

Zhidou D2 без дилеми може да одговори на секојдневните предизвици и одлично се снаоѓа во градскиот метеж. Како што веќе истакнавме, неговата компактност во комбинација со цената и потрошувачката, го прави вистински избор за урбаните џунгли. Со оглед на брзата транзиција на автомобилската индустрија кон електрификацијата, ZD D2 може да претставува одлично урбано и чисто решение за мобилност, со оглед на тоа дека станува збор за веројатно најповолното електрично возило во нашата земја.

Zhidou D2 тест

Цена на тестираниот модел: 14.000 евра

Технички податоци за Zhidou D2

мотор електричен
максимална моќ 15/30 kW 20/40 КС
макс. вртежен момент 90 Nm
трансмисија на предни тркала преку автоматски менувач
потпирање напред Макферсонов независен систем, назад крута оска
сопирачки напред дискови, назад дискови, ABS
пневматици напред 145/60 R13, назад 155/50 R14
каросерија хечбек со три врати, две седишта
должина х ширина х висина 2.808 х 1.499 х 1.555 мм
меѓуоскино растојание 1.765 мм
тежина 704 кг
багажен капацитет 195 литри
максимална брзина 85 км/ч
автономија на движење 180 километри
емисија на CO2 0 г/км

Zhidou во Македонија:

Zhidou D1 12.880 евра

Повеќе информации во продажниот салон на ABC Brother или на официјалниот сајт.

Конкуренти:

Volkswagen e-Up! од 25.000 до 28.000 евра
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button