fbpx

BMW ги освежи X3 и X4, М верзиите добија посилен мотор

Германскиот производител BMW одлучи дека е време да направи рестилизација на своите SUV модели X3 и X4, a третман добија и M верзиите

Исклучително исполнет ден за BMW. По претставувањето на Серија 4 Gran Coupe, на ред дојдоа и SUV моделите X3 и X4 кои на средина од својот животен век добиваат рестилизација. Поставите на двата модели добиваат комплетно „преуредување“ и добиваат неколку нови технологии и карактеристики, а истото се случи и со X3 M и X4 M варијантите.

Кога станува збор за стајлингот на екстериерот, BMW X3 и X4 добиваат потенки фарови, поголема предна решетка и редизајнирани предни браници кои добиваат триаголни вертикално поставени отвори за воздух. Слично е и на задниот дел каде се наоѓаат редизајнираните браници и задни светла. M Sport пакетот се враќа за 2022 моделската година, со што двата модели добиваат нешто поагресивен изглед, без купувачот да мора да плаќа за полнокрвен M модел.

X3 и X4

Унапредување на цела постава

Кога станува збор за M Sport варијантата, X3 M40i се разликува од останатите X3 модели со уникатна BMW M предна решетка, М лого, М ретровизори и уникатен трим на издувниот систем. Исто така и X4 M40i добива неколку вакви визуелни промени, а и двата модели добиваат потенки фарови, иако секој модел добива поагресивен браник со поголеми отвори за подобри разладувачки способности за перформансните машини. Двата кросовери добиваат и M задни браници како и други спортски детали на задниот дел.

X3 и X4

BMW како инспирација за ентериерот ја искористи новата Серија 4, поради што X4 и X3 добиваат сличен изглед како актуелните модели. Сепак, постојат неколку акценти кои додаваат свежина во кабината. Централната конзола е редизајнирана и е поставена под ревидираниот инструмент панел и новиот 10,25-инчен инфозабавен екран кај X3. Live Cockpit Professional унапредувањето го зголемува екранот до 12,3 инчи, а истото се случува и со инструменталниот кластер. Поголемите екрани доаѓаат како стандард кај X4.

X3 и X4

Од друга страна, кај двата М модели, во ентериерот може да се најдат М спортските седишта со осветлени М лога, тапацир од Merino кожа, Алкантара акценти на централната конзола, М мултифункционален управувач и ред други работи.

BMW го задржува препознатливиот агрегат

Турбо 2,0-литарскиот мотор на BMW се префрла и во 2022 година и е задолжен за напојување на X3 xDrive, X3 xDrive30i и X4 xDrive30i моделите. Ги испорачува истите 250 КС и 349 Nm, благодарение на што спринтот од нула до „стотка“ се одвива за околу шест секунди. Максималната брзина изнесува 209 километри на час. BMW X3 M40i и X4 M40i добиваат турбо 3,0-литарски шестцилиндерски мотор со 48-волтна блага хибридна технологија која овозможува 386 КС и 500 Nm максимален вртежен момент. Спринтот до „стотка“ се стигнува за околу 4,5 секунди.

X3 и X4

Трилитарскиот турбо шестцилиндерски мотор во X3 M и X4 M ја испорачува истата моќност како и актуелните модели, односно 478 КС за „обичните“ и 509 КС кај Competition верзиите. Сепак, максималниот вртежен момент е зголемен, па така сега X3 M и X4 M сега произведуваат 619 Nm, додека Competition моделите достигнуваат до 649 Nm максимален вртежен момент. Максималната брзина е ограничена на 249, односно 284 километри на час со M Driver’s пакетот. Сите модели користат осумстепен автоматски менувач.

Производството на освежените Х3 и X4 започнува овој август, а X3 M и X4 M пристигнуваат еден месец подоцна во септември.

Поврзани вести

Back to top button