Toyota ќе нуди неколку погони, рано е да се насочи исклучиво на ЕВ
Јапонскиот производител Toyota во следните 30 години во својата понуда ќе има хибридни, водородни и целосно електрични модели
Можеби на прв поглед се чини дека Toyota заостанува во ЕВ трката, но сето тоа е добро осмислен потег од страна на јапонската компанија. Имено, производителот оваа година најави дека ќе претстави две целосно електрични возила, што е спротивно на останатите производители кои ги најавија своите амбициозни планови за електфицирање на целосните постави. Таквиот тип на промена нема да се случи во Toyota наскоро, бидејќи компанијата не е подготвена да се насочи исклучиво на ЕВ моделите.
Оваа одлука не е само околу несигурноста во пазарот, туку исто така има и други причини, како импактот врз околината. Според Automotive News, кој споделува информации од состанокот акционерите на Toyota каде раководството ги споделило своите планови за електричните возила, компанијата гледа во „целосниот животен циклус“ на возилото кога станува збор за намалување на CO2 емисиите, со оглед на тоа дека постојат некои студии кои индицираат на тоа дека производството на електричните возила и нивните батерии ослободуваат повеќе емисии отколку возилата со мотор на внатрешно согорување.
Сепак, многу позначителен фактор во тоа што Toyota ќе прави во иднина е клиентот. Главниот технолошки директор на Toyota, Масахико Маеда истакна дека „на крајот она што е најважно е изборот на купувачот“. Поради тоа, јапонскиот производител во својата понуда ќе има голем број на погонски опции за следните 30 години и ќе нуди бензински, хибридни, водородни и електрични возила.
Оваа „аверзија“ на Toyota кон електричните возила, не значи дека компанијата нема да инвестира во таквата технологија. Првото целосно електрично возило на јапонската марка, наречено bZ4x, ќе дебитира во продукциска форма подоцна оваа година, а во продажба ќе се најде во 2022. Овој модел ќе биде првиот во семејството од 15 електрични возила кои компанијата ќе ги понуди на глобално ниво.