BMW го покажа X5 прототипот на водороден погон
BMW ги започна тестирањата на европските патишта на прототипот X5 кој ќе се напојува со водородни горивни ќелии
Баварскиот гигант BMW во својата понуда сака да понуди и возила кои ќе користат водороден погон. Едно од тие возила ќе биде новиот BMW X5 кој ќе користи горивни ќелии за својот погон. BMW вложува сериозни напори во развојот на ова возило, а сега го покажа и прототипот кој веќе започна со тестирања на европските патишта, а треба да биде лансиран на пазарот во 2022 година.
Хидрогенскиот X5 прототип официјално е наречен BMW i Hydrogen Next и новиот тест програм ќе му овозможи на производителот да добие поголемо практично искуство со овој вид на технологија.
„Технологијата на водородни горивни ќелии може да биде атрактивна опција за одржливите погони – особено во класите на поголеми автомобили. Токму затоа тестирањето на возила со водороден погон е важен момент во нашите напори за истражување и развој“, изјави Франк Вебер, член на Бордот на директори во BMW AG задолжен за развој.
Водородниот погон во BMW X5 прототипот ги комбинира петтата генерација на еDrive електромоторите со горивни ќелии кои го конвертираат водородот во електрична енергија. BMW вели дека горивните ќелии во овој прототип испорачуваат електрична моќност од 170 КС, со конвертер кој ја прилагодува волтажата со онаа на електромоторот.
Дел од енергијата исто така се чува во батеријата и потоа се користи за динамични забрзувачки маневри. Благодарение на ова, системот на горивни ќелии испорачува моќност од 374 КС, со што X5 добива еднакви перформанси како и обичниот продукциски X5 со најмоќниот шестцилиндерски мотор.
Водородот се складира во два резервоари од по 700 бари кои се направени од карбонски засилена пластика (CFRP) и може да содржи до шест килограми водород. Повеќе информации за возилото ќе се објават подоцна оваа година, како што ќе се наближува официјалната премиера на возилото во 2022 година.