fbpx

Hyundai ги објави првите тизери за Elantra N

Корејскиот производител Hyundai ги објави првите две тизер фотографии за долгоочекуваниот перформансен Elantra N модел

Hyundai започна со промоцијата на новата Elantra N уште од септември минатата година, кога објави неколку фотографии од камуфлирани прототип модели, а сега, во пресрет на глобалната премиера, корејската марка ги објави првите тизер фотографии од продукциската верзија.

На двете тизер фотографии е прикажана новата Elantra N во специјалната нијанса на N дивизијата на Hyundai наречена Performance Blue комплетирана со црвени акценти на страничните прагови и задниот дифузер. Покрај ова, може да се забележи дека Elantra N се одликува со големи кружни издувни цевки како останатите Hyundai N модели, а притоа добива уникатен заден спојлер офарбан во црно.

Hyundai исто така ги прикажа и тркалата на новата Elantra N кои се прилично различни во однос на оние кои се наоѓаат кај i20 N и i30 N, кои се одликуваат со остри завршетоци финиширани во сребрено и црно.

„Elantra N е високоперформансен седан кој ја открива поспортската страна на нашата исклучителна и целосно нова Elantra преку возбудливите N засилувања. Го дизајниравме моделот да биде докажан спортски автомобил со динамични возачки способности и стил кој перформансните ентузијасти го сакаат. Не можам да ја дочекам премиерата на Elantra N, која е неверојатен додаток на N поставата која нуди врвни перформанси. Наскоро ќе се случи и дигиталната светска премиера“.

Hyundai Elantra N

Она што засега се знае за Elantra N е дека ќе се напојува со 2,0-литарски турбо четирицилиндричен мотор кој испорачува 278 КС. Купувачите ќе можат да бираат меѓу шестстепен мануелец или осумстепен автоматски менувач со двојна спојка. Од Hyundai не објавија датум за претставувањето на автомобилот, но ветија повеќе детали во престојните недели.

Поврзани вести

Back to top button