fbpx

Porsche ја прошири поставата на 911 со GTS и Targa изведби

Германскиот производител Porsche останува доследен на своето 911 семејство со додавањето на GTS во купе и кабрио, како и Targa изведби

По претставувањето на новиот 911 GT3 Touring, Porsche дополнително ја прошири понудата на својот култен модел, со враќање на GTS верзијата за 992 генерацијата. Новите 911 GTS модели ќе бидат достапни со погон на задните и сите четири тркала во купе и кабрио конфигурација, како и исклучиво погон на сите четири тркала кај Targa варијантата.

За напојувањето на сите три модели е унапредениот 3,0-литарски битурбо шестцилиндричен мотор со 480 КС и 570 Nm максимален вртежен момент, што е за околу 30 КС и 20 Nm повеќе од Carrera S. Опцијата со осумстепениот PDK автоматски менувач со двојна спојка овозможува 911 GTS од нула до „стотка“ да стигне за 3,3 секунди, или 0,3 секунди побрзо од својот претходник. Тука е и опцијата со седумстепен мануелен менувач за кој од Porsche велат дека има пократки интервали од вообичаено.

Покрај помоќниот мотор, Porsche нуди опција за полесен GTS со опционалниот Lightweight Design пакетот, кој со себе носи карбонски спортски седишта, лесни странични и задни прозори и лесна батерија, а притоа ги отстранува и задните седишта. Со сето ова во предвид, оваа опција намалува 25 килограми од возилото, а како стандард се добива и управување на задната оска. Од Porsche велат дека го унапредиле и Porsche Active Suspension Management системот конкретно за GTS, кој е 10 милимиетри пониско поставен во однос на стандардната Carrera.

Карактеристични елементи

Како и со претходната генерација на GTS модели, новите 991 модели добиваат потемни тримови и акценти на ентериерот и екстериерот, вклучително и црниот Race-Tex микрофибер ентериер, и спојлерски елементи, како и облога на LED фаровите на надворешноста. Визуелните унапредувања вклучуваат и сатенски црн спојлер, алуминиумски тркала, решетка како прекривка за моторот и GTS ознаки на вратите и задниот дел од автомобилот. Targa 4 GTS добива затемнет Targa столб и натпис, а сите GTS модели добиваат и Porsche Dynamic Light System Plus и затемнети задни светла.

911 GTS

Во внатрешноста се наоѓаат и GT Sport управувачот, Sport Chrono пакетот и Porsche Track Precision апликацијата како стандард, како и Sport Seats Plus со четиринасочна подесива латерална поддршка. Новата генерација на 911 GTS исто така доаѓа и со најновата генерација на Porsche Communication Management инфозабавен систем.

Поврзани вести

Back to top button