fbpx

Aston Martin Valkyrie доби моќна AMR Pro верзија

Британскиот производител Aston Martin ја претстави новата и тркачка верзија на својот модел Valkyrie кој ја добива ознаката AMR Pro

Aston Martin на Салонот во Женева во 2018 година претстави концепт наречен Valkyrie AMR Pro, а сега оваа верзија доби свои неколку модификации и влезе во продукциска фаза. Британската компанија вели дека финишираниот Valkyrie AMR Pro го споделува својот базичен дизајн со Le Mans хиперавтомобилот.

Во споредба со концептот од 2018 година, финалната спецификација на Valkyrie AMR Pro добива конвенционална поставка за да ја намали својата тежина. Со тоа, вкупната моќност е намалена од оригиналните над 1.100 КС на концептот, на конечни 1.014 КС генерирани исклучиво од природно аспирираниот 6,5-литарски V12 мотор. Изработен од страна на Cosworth, моторот достигнува до 11.000 вртежи во минута и е опишан како „ремек-дело на моторите на внатрешно согорување“.

Valkyrie AMR Pro

Самиот автомобил е многу повеќе од само стандарден Valkyrie со нов голем заден спојлер. Всушност, овој хиперавтомобил добива модифицирана карбонска шасија со што меѓуосовинското растојание е зголемено за 380 милиметри. Предната трага на автомобилот е 96 милиметри поширока, додека задната е 115 милиметри поширока. Новиот аеродинамичен пакет додава дополнителни 266 милиметри должина на возилото.

Меѓу клучните аеродинамични модификации се и понагласениот карбонски преден сплитер и новата форма на предните сводови над тркалата и перките. Тука се и традиционалните странични ретровизори, за разлика од „обичниот“ Valkyrie, фиксираниот заден спојлер и прекривките за тркалата. Aston Martin Valkyrie AMR Pro произведува над двојно повеќе потисна сила во однос на патничкиот Valkyrie и ќе може да достигне латерално забрзување поголемо од 3G.

Valkyrie AMR Pro

Само 40 примероци

Под радикалните промени на каросеријата, автомобилот го отфрла својот хибриден систем, а од Aston Martin велат дека Valkyrie AMR Pro ќе достави „перформанси на патеката слични на оние на Formula 1 болидите“. Возилото е толку брзо што производителот вели дека може да ја помине патеката во Ле Ман за 3 минути и 20 секунди, што е отприлика на рангот на LMP1 автомобилите.

Aston Martin ќе произведе само 40 возила, плус два прототипи, а првите испораки до купувачите ќе се случат во последниот квартал од оваа година. Оние кои ќе го купат овој хиперавтомобил наменет само за тркачките патеки ќе можат да присуствуваат и на специјалното тркачко искуство на патеки ширум светот кое ќе го организира Aston Martin. Сопствениците исто така ќе добијат и професионални инструкции и ексклузивна тркачка опрема според стандардите на FIA.

Поврзани вести

Back to top button