fbpx

Opel ја прикажа новата Astra во камуфлирано издание

Премиерата за целосно новата, 11-та генерација на Opel Astra се наближува, а германскиот производител објави нови тизери за својот модел

Opel објави нови тизер фотографии за новата генерација на Astra во пресрет на светската премиера. Германската компанија го прикажа камуфлираниот прототип на својот популарен модел, а објави и детали за актуелниот развоен програм.

Тестирањата во реални услови за новата Astra започнаа минатата зима, а сега дојде до финалната фаза на развој и фините подесувања пред продукциската верзија да излезе од производствените ленти овој месец. Дел од тестирањата вклучуваат и посета на Лапланд во Шведска каде се тестирани контролата за стабилност, ABS и контролата за триење, а исто така овие поларни услови помогнаа за менаџирање на температурите, греењето, вентилацијата и работата на клима-уредот.

По ова следуваа сесиите во Dudenhoven тест центарот каде инженерите ги тестираа ADAS системите на автомобилот и перформансите при високите брзини. Исто така, прототипите минаа низ различни водени длабочини, а помина време и во климатска комора и климатски тунел кој симулира екстремни услови. Opel исто така ја користеше и својата Electro-Magnetic Compatibility лабораторија во Руселсхајм за да се осигура дека електронските системи нема да имаат пречки во работењето ако се експонирани на електромагнетни емисии.

Новата Astra е базирана на EMP2 платформата на Stellantis на која се поставени и Peugeot 308 и DS4 моделите. Новата генерација на најпопуларниот модел на Opel ќе се нуди со 1,2-литарски бензински мотор, 1,5-литарски дизел и два plug-in хибридни погони.

Кога станува збор за дизајнот, новата Astra ќе го инкорпорира најновиот дизајнерски јазик на Opel. На предниот дел ќе се најде Opel Vizor предницата која беше претставена кај новата Mokka, со подолги Matrix LED фарови интегрирани во црната решетка. Во внатрешноста веќе е познато дека Astra ќе го добие новиот Pure Panel кокпит кој е составен од дигитален инструмент кластер и централен екран на допир.

Поврзани вести

Back to top button