fbpx

Recharge концептот е најава за новите ЕВ на Volvo

Шведскиот производител Volvo го претстави својот најнов концепт наречен Recharge, кој претставува најава за новата генерација на електрични возила

Volvo ќе стане целосно електричен бренд, а за таа цел компанијата го претстави новиот Recharge концепт, кој се смета за „манифест за следната генерација на целосно електрични модели“. Со својот далеку порадикален изглед во однос на XC60 и XC90, Recharge добива нова дизајнерска филозофија која ја прифаќа идејата за „помалку, но подобро“, која ги елиминира непотребните елементи, а притоа овозможува висока прецизност.

Почнувајќи од предниот дел, традиционалната решетка тука е заменета со панел, односно „структура која наликува на штит“, како што велат од Volvo, која се одликува со осветлениот амблем на шведската компанија. На двете страни од панелот се наоѓаат препознатливите предни светла кои с епотенки и се одликуваат со асортиман на различни анимации.

Како што се движиме кон задната страна, каросеријата добива еден помирен тек, а особено се истакнуваат робусните странични прагови. Моделот исто така добива камуфлирани рачки, додека задните врати се отвораат спротивно од вообичаеното. Меѓу останатите поважни карактерстики треба да се истакне панорамскиот стаклен покрив, тенките столбови и LiDAR сензорот кој е поставен на покривот. На задниот дел се наоѓаат вертикално поставените светла кои се реосмислени со „сет на крила кои се издолжуваат при повисоки брзини за дополнително унапредување на севкупната аеродинамика“. Концептот исто така добива и минималистички браник, конкавна задна врата и мал спојлер.

Volvo Recharge

Помалку е подобро

Тематиката продолжува и во кабината, каде што возачот добива минималистичка контролна табла со 15-инчен инфозабавен систем, а пред него се наоѓа и дигиталниот инструмент кластер. Освен тоа, тука се и четирите индивидуални седишта кои се направени од еколошки материјали.

„Ентериерот ја интегрира нашата најнова технологија за корисничко искуство со прекрасни, одржливи и природни материјали. Секој дел од ентериерот е како парче уметност кое може да биде самостојно како индивидуален мебел во една соба“, вели главниот дизајнер Робин Пејџ.

Од Volvo не откриваат детали за спецификациите, но истакнуваат дека концептот е поставен на нова платформа дизајнирана специјално за електрични возила. Ова овозможува целосно рамен под, за разлика од првата генерација на ЕВ од компанијата, кои ја споделуваа платформата со конвенционалните модели, па дизајнерите мораа да балансираат меѓу пропорции и простор со цел да се вметнат и батерии и мотори со внатрешно согорување, зависно од потребите.

Иако овој Recharge технички е концепт, тој се очекува да биде најава за редизајнираниот XC90. Volvo претходно истакна дека електричниот кросовер ќе пристигне околу 2022 година, така што повеќе детали би требало да бидат познати во следните месеци.

Поврзани вести

Back to top button