Деби за Emira, последниот конвенционален Lotus
Британскиот производител на спортски автомобили Lotus, го претстави својот најнов модел наречен Emira кој е последен конвенционален модел на компанијата
Кон почетокот на оваа година Lotus најави дека ќе ги отстрани моделите Elise, Exige и Evora од својата понуда како чекор кон насочувањето на хибридни и целосно електрични спортски автомобили и кросовери. Но, пред да го направи тоа, британската компанија го претстави својот последен конвенционален модел пред пристигнувањето на ЕВ ерата. Станува збор за моделот Emira, кој е природен наследник на Evora и ќе се најде во продажба во Европа од следната пролет.
Следејќи го рецептот за спортски автомобили на Lotus кој дебитираше со претставувањето на Elise во 1996 година, Emira е поставен на новата верзија на алуминиумската шасија на компанијата, а кога станува збор за димензиите ја има речиси истата големина како Evora и истото меѓуосовинско растојание од 2.575 милиметри.
Мотори од AMG и Toyota
Од Lotus истакнуваат дека новиот модел претставува „промена на парадигмата во нивоата на практичност, удобност, функционалност и технологија“, а еден од клучните елементи во оваа промена е 2,0-литарскиот турбо четирицилиндричен мотор од Mercedes-AMG. Благодарение на неколку фундаментални промени, како што е новиот систем за всисување на воздух и новиот издувен систем, овозможуваат моќноста да биде околу 360 КС, додека бројките за максималниот вртежен момент не се откриени.
Моторот ги придвижува задните тркала преку седумстепениот автоматски менувач со двојна спојка на AMG, а од нула до „стотка“ Emira стигнува за помалку од 4,5 секунди.
Доколку купувачот сака мануелен менувач, тогаш ќе треба да доплати за 3,5-литарскиот V6 агрегат на Toyota, кој Lotus го користеше кај Exige и Evora со години. Овој мотор доаѓа со шестстепен мануелец или шестстепен автоматик, зависно од потребите, а од Lotus велат дека испорачува 400 КС и 429 Nm максимален вртежен момент.
Максималната брзина изнесува 290 километри на час, а иако бројките за забрзување од нула до „стотка“ не се откриени, многу веројатно станува збор за 4,2 секунди, односно времето кое го достигнува и Evora.
Модерен и напреден ентериер
Една од највпечатливите карактеристики на Emira е ентериерот на возилото, кој е направен со многу поголем квалитет и многу помодерен дизајн. На контролната табла сега се наоѓа 10,25-инчен екран на допир наменет за инфозабавниот систем кој е конектибилен со Android Auto и Apple CarPlay, додека зад управувачот се наоѓа уште поголем екран на кој се прикажани инструментите.
Седиштата со електрично подесување се стандарден дел од опремата, а зависно од финалните спецификации, како стандарден или опционален дел од опремата се и стартувањето без клуч, темпомат, брисачи со сензори за дожд, електронски склопливи ретровизори и предни и задни сензори. Со оглед на тоа дека станува збор за спортски автомобил, постои опција и за ADAS пакет кој вклучува адаптивен темпомат, автоматско сопирање, предупредување за напуштање на коловозната лента и друго. Како опција се нуди и Lotus Drivers Pack, кој вклучува покрут систем на потпирање и специјални Michelin Pilot Sport Cup 2 пневматици и контрола на лансирање.
Со цел да се осигура дека Emira ќе може да се користи и на дневна база, Lotus се погрижи автомобилот да има доволно корисен простор, па така зад седиштата има простор од 208 литри, а багажникот има капацитет од 151 литар.