fbpx

Ultimae е последното збогум на Lamborghini за Aventador

Италијанската компанија Lamborghini ја претстави најновата, а воедно и последна варијанта на својот модел Aventador наречена Ultimae

По цели 10 години пристигнува крајот за знаменосецот на Lamborghini. Aventador LP780-4 Ultimae е последната итерација на славниот суперавтомобил, по што на сцената ќе стапи нов адут за италијанската компанија. Lamborghini ќе направи само 600 единици на Ultimae, од кои 350 ќе бидат купе, а 250 „роудстер“ варијанта.

Овој автомобил треба да претставува „лебедова песна“ за традиционалниот V12 мотор на внатрешно согорување, а за таа цел Lamborghini реши да го направи Ultimae ултимативниот Aventador. За таа цел, искомбинирани се стилските елементи од Aventador S и лудите перформанси на SVJ.

За напојувањето е задолжен препознатливиот 6,5-литарски V12 мотор кој стигнува до 8.700 вртежи во минута и испорачува 780 КС и 720 Nm максимален вртежен момент. Ова е за 40 КС повеќе од Aventador S и 10 КС повеќе од Aventador SVJ. Како резултат на овие унапредени бројки и разните мерки преземени за намалена тежина на возилото, автомобилот тежи 25 килограми помалку од S и го има истиот сооднос на моќност и тежина како SVJ.

Моќноста се испраќа на сите четири тркала преку седумстепениот автоматизиран мануелен менувач, кој е способен да ги менува брзините за 50 милисекунди. Ова му овозможува на Aventador Ultimae во купе варијанта да спринта од нула до „стотка“ за 2,8 секунди, пред да ги достигне максималните 355 километри на час, додека Roadster верзијата е за една десетинка побавна.

Спортски и елегантен дизајн

Иако овој автомобил ги поседува SVJ перформансите, Lamborghini сепак не се занесе премногу кога станува збор за стилските промени, па така нема масовни задни крила и други нагласени аеродинамички елементи, но со оглед на тоа дека е Aventador модел, сепак самиот по себе воопшто не е досаден.

Новиот преден браник има своја сличност со Aventador S, но исто така добива и активен сплитер и поголеми отвори за воздух, со што Ultimae добива врвна аеродинамичка ефикасност и ладење. На задниот дел се наоѓа активниот спојлер со три позиции кој работи со вортекс генератор со цел да се оптимизира протокот на воздух и воздушното ладење на сопирачките.

Во внатрешноста, Aventador Ultimae добива неколку ексклузивни елементи, како што е опционалната, ласерски изгравирана Y шема со контрастна позадина за седиштата и контролната табла. Седиштата се исти како кај Aventador S, но тука го добиваат Ultimae називот извезен на потпирачите, додека на А-столбот од возачката страна е прикажан бројот на автомобилот.

Aventador Ultimae

Дигиталниот TFT дигитален инструмент кластер може да се персонализира и ги прикажува возачките режими. Комуникациите со гласовна команда и инфозабавата се контролираат преку Apple CarPlay, а телеметрискиот систем на Lamborghini е достапен како опција за оние возачи кои сакаат да добиваат корисни податоци додека итаат со својот Ultimae на тркачките патеки.

Поврзани вести

Back to top button