Audi со низа тизери го најави Grand Sphere
Следната генерација на електрични возила на Audi се на хоризонтот, а едниот од трите престојни концепти, Grand Sphere, ќе биде претставен на Салонот во Минхен
Потпретседателот на Audi брендот и дизајнерскиот шеф на компанијата, Хендрик Вендерс и Марк Лихте ги најавија трите електрични концепти наречени Grand Sphere, Sky Sphere и Urban Sphere. Сите три се базирани на престојниот проект на Artemis платформата за електрични возила.
Поставата на Audi ќе мине низ сериозни промени во следниот период. За само пет години, производителот од Инглоштад ќе го претстави последниот автомобил со мотор на внатрешно согорување, што значи дека еден куп електрични возила се во подготовка. За таа цел и се подготвени трите концепти, кои ќе ги најават моделите од трите различни сфери на кои ќе се посвети германската компанија.
Прв меѓу нив ќе биде концептот Grand Sphere кој премиерно ќе биде прикажан на Салонот во Минхен, а во меѓувреме Audi го најави со низа тизер фотографии. Кога станува збор за самиот концепт, треба да се истакне дека меѓуосовинското растојание е максимално издолжено со цел да се направи пространа кабина. Исто така, и покрај присуството на управувач, Grand Sphere е создаден со високо напреден автономен возачки систем кој ги пресретнува побарувањата на ниво 4. Тоа е само еден чекор од целосно автономно возење, што ги елиминира потребите од човечки интервенции.
Audi потврди дека Grand, Urban и Sky Sphere концептите ќе бидат претставени во престојните 12 месеци. првата продукциска верзија се очекува во 2024 година и ќе има за цел да го донесе најдоброто во светот на луксузните автомобили.