Mini слави 60 години на Cooper со нова лимитирана серија
Британскиот производител Mini слави 60 години соработка со Cooper семејството со претставување на нова ограничена верзија
Историјата на Mini датира пред 60-тите години на минатиот век, но соработката меѓу сер Алек Исигонис и Џон Купер стартуваше во 1961 година, а со тоа се роди и Austin Mini Cooper и Morris Mini cooper. Со цел да се прослави сето ова, Mini лансираше специјална едиција на својот препознатлив хечбек со три врати. Претставен со цел да ја прослави 60-годишнината на Cooper во септември, новиот ограничен модел наречен Anniversary Edition на Mini му оддава почит на Џон Купер кој почина во 2000 година.
Со оглед на тоа дека Џон Купер дизајнираше тркачки автомобили кои се идентификуваа со нивната зелена боја на екстериерот со бели акценти, Mini Anniversary Edition моделите се нудат со British Racing Green металик финиш, а достапна е и Midnight Black металик варијанта, додека Mini John Cooper Works Anniversary Edition исто така може да се добие и со Rebel Green боја на каросеријата. Покривот, надворешните ретровизори, рачките на вратите, обвивката на предните и задните светла се во бела боја.
Меѓу останатите детали, тука се белите ленти на хаубата, црвените акцентни линии и бројот 74, кој е потсетник на стартниот број кој класичниот Mini Cooper го носеше на својот прв успешен тркачки настап. Со цел да се комплементира целосниот изглед, тука е сетот на 18-инчни John Cooper Works тркала од лесна легура во Cicuit Spoke двобоен дизајн кои доаѓаат како стандард заедно со Cooper логото кое се наоѓа на страничните прагови C-столбовите и централниот дел на спортскиот управувач со Nappa кожа.
Се е во знакот на Купер
Во внатршеноста, на површината се наоѓаат потписите на Џон, Мајк и Чарли Купер на возачката страна. Рамката на вратата од страната на возачот исто така добива амблем со потписот на Џон Купер, рачно напишана белешка „1 од 740“ и зборовите „60 Years of Mini Cooper – The Unexpected Underdog“.
Ограничената верзија е наменета за Cooper, Cooper S и JCW варијанта, а сите три модели во внатрешноста добиваат спортски седишта обложени со Dinamica материјал или кожа. Тука се и Piano Black тримот, црвените акценти и педалите од нерѓосувачки челик.
Производството ќе биде ограничено на 740 единици на светско ниво, но деталите за цените засега не се објавени. Сепак, моделот ќе се напојува со препознатливиот турбо 1,5-литарски трицилиндричен мотор со 136 КС и 219 Nm максимален вртежен момент.
Доколку се одлучите за Cooper S, тогаш под хаубата ќе го добиете 2,0-литарскио турбо четирицилиндричен мотор кој испорачува 192 КС и 279 Nm, додека на врвот е JCW варијантата која доаѓа со унапредена верзија на истиот мотор, кој во овој случај испорачува 231 КС и 318 Nm.