LA го покажа својот Renault 5 Turbo 3 рестомод
Компанијата Legende Automobiles базирана во Калифорнија ја претстави својата визија за Renault 5 Turbo 3 рестомод моделот
Пред неколку дена компанијата Legende Automobiles преку тизер фотографии ја најави „новата“, Turbo 3 верзија на Renault 5. Овој модел треба да претставува сопствена визија на калифорниската компанија со која се продолжува серијата на Turbo верзијата на Renault 5 и истата пристигнува со навистина спектакуларен изглед и уште подобри перформанси.
Со оглед на се построгите регулативи за емисиите, производителите се подготвуваат да ги згаснат традиционалните хот хеч модели кои се напојуваат со мотор на внатрешно согорување. Но, не е загубена секоја надеж бидејќи афтермаркет компаниите се упорни во намерата да ги одржат во живот и да ги вратат на сцената некои од најголемите хитови од минатото. Токму тука на сцена стапува Legende Automobiles, кој е ново име во рестомод бизнисот и има за цел да го врати на сцената класикот од 80-тите години.
Овој Renault 5 Turbo 3 модел ја задржува својата дизајнерска ДНК која го правеше овој модел да изгледа специјално, а овој Turbo 3 е модерна интерпретација на оригиналниот R5. Се одликува со рачно изработена специјална школка која во најголем дел е карбон и е проширена, а моделот е поставен на 16-инчни предни и 17-инчни задни тркала.
Turbo 3 на Legende Automobiles ги заменува „олд-скул“ светлата на оригиналот со модерни LED фарови. На мускулестиот заден дел се одликува со издолжен заден спојлер финиширан во црвена боја, како дел од контрастниот финиш кој исто така е аплициран на ретровизорите и А-столбовите. Двојниот завршеток на издувниот систем е во четириаголна форма, во стилот на дизајнот на Renault, и е сместен во специјално направениот дводелен заден дифузер.
Ентериер со минимален број на елементи и модерен акцент
Минималниот пристап во дизајнирањето на кабината е задржан и за овој Turbo 3 рестомод, но со целосно дигитален инструмент кластер кој го заменува аналогниот кај оригиналните Turbo 1 и Turbo 2. Впечатливите портокалови акценти продолжуваат и во внатрешноста и се аплицирани на отворите за вентилација и рачките од вратите, како и на редизајнираниот двокрак управувач.
Legende Automobiles го опреми Turbo 3 со автоматски двозонски клима-уред и ултра тенки спсортски седишта со великодушна латерална подршка и тркачки ремени. Зад нив е поставен „анти-рол“ кафез поставен на горниот дел од моторниот простор каде стои четирицилиндричниот турбо мотор кој испорачува 400 КС.
Моќноста е значително зголемена во однос на оригиналната системска моќ од 160 КС, а истата сега се пренесува на задните тркала преку модерниот секвенцијален менувач или мануелец, кој го заменува оригиналниот петстепен мануелен менувач на оригиналниот модел. Деталите околу моторот не се откриени, но станува збор за модерен погон.
Renault произведе околу 1.820 примероци на R5 Turbo 1, заедно со уште 3.167 примероци на Turbo 2, за време на шесте години колку што моделот помина на пазарот, што значи дека Legende Automobiles адресира до ограничен број на потенцијални клиенти, но компанијата истакна дека ги „игнорирала сите финансиски совети и воопшто не се штедела со цел да се осигура дека ова е најдобрата можна верзија на оваа автомобилска икона“.