Land Rover со Defender Trophy ја слави историјата во Camel Trophy
Британскиот производител Land Rover ја најави новата Trophy Edition на Defender која пристигнува со голем број оф-роуд додатоци
Кратко откако Dakar релито беше основано во доцните 70-ти години од минатиот век, се оформи и едно ривалско натпреварување наречено Camel Trophy. Ова натпреварување се одржуваше од 1981 до 2000 година, а на натпреварувањето доминираше Land Rover. Оригиналните Camel Trophy Land Rover модели вообичаено беа продавани само една година од по натпреварувањето, а денес се едни од најбараните меѓу колекционерите.
Токму затоа сега Land Rover направи нова специјална серија наречена Land Rover Defender Trophy Edition за чија инспирација јасно е задолжено Camel Trophy натпреварувањето. Компанијата ќе произведе само 220 примероци на Defender Trophy Edition и сите тие се наменети за американскиот пазар. Секој од моделите пристигнува со експедициски покривни шини, предна долна заштита, мобилна скала, штитници за кал, интегриран воздушен компресор и длабоки гумени патосници. Базиран на Defender 110 P400 X-Dynamic S, овој SUV пристигнува и со предна кука за извлекување, ClearSight RearView камера, воздушен систем на потпирање, пакет за студени временски услови и 11,4-инчен екран на допир во внатрешноста, заедно со Off-Road пакет и Advanced Off-Road Capability пакет.
Купувачите ќе учествуваат во оф-роуд авантура
Бојата на моделот е добиена благодарение на специјалната обвивка која е инспирирана од Defender Works V8 Trophy. Претставен во февруари годинава, класичниот Defender е ограничен на само 25 примероци и се одликува со селекција на оф-роуд додатоци, како и 5,0-литарски природно аспириран V8 мотор кој испорачува 404 КС. Модерниот Defender користи 3,0-литарски шестцилиндричен мотор кој испорачува 400 КС и 550 Nm максимален вртежен момент. Цената ќе биде многу поразумна и ќе стартува од 90.000 долари, додека V8 класичниот модел чини 270.000 долари.
Оние 220 среќници кои ќе го добијат Defender Trophy Edition ќе добијат шанса за еднодневна оф-роуд авантура во видот на Land Rover U.S. Trophy Competition. Натпреварувачите ќе се соочат со „он и оф-роуд“ предизвици, како и физички и тим-билдинг вежби. Исто така ќе добијат и часови за подобрување на нивните возачки вештини и техники.
„Defender Trophy Edition го буди духот на авантурата со неколку оф-роуд додатоци и специјални карактеристики креирани за ултимативните Land Rover ентузијасти. Со нетрпение очекуваме да приредиме едно неверојатно авантуристичко натпреварување за нашите Defender Trophy Edition купувачи кои не само што ќе ги стават овие возила на тест туку исто така ќе креираат и специјално искуство во чест на богатото наследство на Land Rover брендот“, изјави Џо Еберхарт, претседател и извршен директор на JLR за Северна Америка.