Opel го претстави минијатурниот Rocks-e
Германската марка има нов модел во својата постава, а станува збор за Opel Rocks-e кој е ребрендирана верзија на малиот Citroën Ami
Малото електрично возило, кое Европската унија го препознава како четирицикл наместо автомобил, Opel Rocks-e пристигнува со 5,5 kWh батерија и поседува единечен електромотор кој испорачува скромни 8 КС моќност. Секако, не станува збор за брзо возило, но со оглед на тоа дека неговата тежина не е поголема од 425 килограми, малиот електричен мотор е доволно силен да достигне брзина до 45 километри на час, што е соодветно за градските метежи во големите европски метрополи. Опсегот на движење изнесува 75 километри со едно полнење според WLTP циклусот.
Opel Rocks-e е долг само 2,41 метри и ги содржи речиси сите каросериски делови како и малиот Citroën Ami, а резултатот на сето тоа е идентичен изглед, но со различен беџ. Како резултат на тоа, моделот се одликува со големи фарови и секундарни светла под предното стакло. На овој дел Opel го примени и својот нов Vizor визуелен третман, што го разликува Rocks-e во однос на Ami. Исто така, поставен е на компактни 14-инчни тркала и добива ексклузивен двобоен финиш на каросеријата во сребрена и црна боја.
Една од најинтригантните одлики на малиот Rocks-e е тоа што вратите се отвораат во спротивна насока, а исто така има и менливи каросериски панели. Ентериерот е речиси идентичен како кај Ami и вклучува мал дигитален инструмент кластер, управувач со рамно дно, контрола за клима уредот, USB порт, држач за чаша, неколку прегради за складирање и две едноставни седишта.
Продажбата на Opel Rocks-e ќе започне првично во Германија оваа есен, каде што ќе се нуди во базична, Klub и TeKno нивоа на опременост, пред да пристигне на останатите пазари следната година.