fbpx

Организаторите на Женева создаваат нов Салон во Катар

Организаторите кои стојат зад Меѓународниот Салон за автомобили во Женева започнаа партнерство со Qatar Tourism и најавија автомобилски настан во Катар

Пристигнува нов настан посветен на автомобилите, а е во организација на луѓето кои стојат зад Салонот во Женева, кои во соработка со Qatar Tourism го создадоа новиот Катар Женева Меѓународен Салон (Qatar Geneva International Motor Show). Првото издание на овој настан ќе се одржи на есен во 2022 или 2023 година. Финалните дати се очекуваат да бидат објавени во престојните недели, а според првичните планови, овој настан ќе се одржува на секои две години.

Комплетните детали за настанот ќе бидат објавени на официјалниот Меѓународен Салон за автомобили во Женева кој ќе се одржи од 19 до 27 февруари 2022 година. За да не дојде до забуна, GIMS нема да се пресели во Катар, туку станува за „спин-оф“ настан на оригиналниот Салон во Женева.

Целта на GIMS и Qatar Tourism е да го позиционираат новиот настан како нов светски признаен Салон за автомобили на Блискиот Исток. Овој Салон ќе се одржува во Доха, а организаторите се убедени дека Меѓународниот Салон Катар Женева ќе се истакне како клучен настан во календарот на исложувачите и љубителите на автомобилите ширум светот.

„Навистина сме горди и почестени што Qatar Tourism ни ја даде довербата за создавање на ново автомобилско шоу во Доха. Нашето партнерство е резултат на довербата и конструктивните разговори уште од првиот ден. Здружените сили со Qatar Tourism ни овозможуваат да се фокусираме на престојното 91-во издание на Салонот во Женева во февруари 2022 година, каде ќе можеме да собереме идеи и знаење за новиот настан во Доха“, изјави претседателот на GIMS, Маурис Туретини.

Откако Салонот во Женева беше откажан во последен момент во 2020 година поради пандемијата, а од истата причина не се одржа ниту оваа година, настанот се враќа догодина, а организаторите успеаја да најдат начин на кој легендарниот салон успеа да остане во живот.

Поврзани вести

Back to top button