fbpx

Новиот италијански производител Bermat ги покажа GT и GT-Pista

Иако во последно време фокусот е ставен на хиперавтомобилите, новоформираниот италијански производител Bermat има поинаков пристап

Италијанската компанија Bermat подготви еден поинаков пристап за својот прв продукциски модел. Bermat GT е спортски автомобил кој сака да го врати италијанскиот стил на Grand Tourismo со персонализиран дизајн, различни варијанти и солидни перформансни бројки, за разлика од се поголемиот број на новоформирани производители кои се насочуваат кон хиперавтомобилите.

Bermat, чие седиште е во Роверето, го добива името по иницијалите на својот основач Матео Бертезоло. Автомобилот е развиен во соработка со JAS Motorsport и е дизајниран од страна на Camal студиото. Компанијата го најави Bermat GT-Pista спортскиот автомобил наменет само за тркачките патеки кој е првиот модел кој ќе го пласира компанијата и ќе пристигне во првата половина на 2022, по што ќе пристигне „патничкиот“ GT во варијанта со мотор на внатрешно согорување и целосно електрична верзија.

Според дизајнерот, Bermat GT е инспириран од „неидентификуваните летечки објекти“. На прв поглед, видливо е влијанието на Ascari на предниот дел и силно присуство на La Ferrari и McLaren P1 GTR на задниот дел. Се на се, станува збор за прекрасен спортски автомобил со ниска и остра предница, „ламбо“ врати, еден куп откриени карбон елементи и странични отвори за воздух во жолта боја со силно извајано тело.

GT-Pista, верзијата за тркачките патеки, пристигнува со тркачка „униформа“ и фиксиран заден спојлер. Има должина од 4.600 милиметри, широк е 2.000 милиметри, а висок е само 1.200 милиметри, додека меѓуосовинското растојание е 2.600 милиметри. Благодарение на карбонската каросерија и лесната монокок T-MM платформа, автомобилот тежи околу 1.100 килограми. Исто така ги исполнува и FIA безбедносните регулативи за CN категоријата.

Одлични тркачки перформанси, без детали за „патничката“ варијанта

Bermat GT-Pista е опремен со надолжно поставен супер 2,0-литарски четирицилиндричен мотор кој испорачува меѓу 325 и 406 КС со максимален вртежен момент од 450 Nm. Моќноста се испраќа на задните тркала преку шестстепениот секвенцијален менувач и со помош на самозаклучувачки диференцијал, овозможувајќи спринтот од нула до „стотка“ да се достигне за околу четири секунди.

Bermat GT

Како што може да се очекува од самото име, поставката е фокусирана на тркачката патека. 19-инчните OZ Racing тркала се обложени во Pirelli DHB пневматици со димензии од 245/645Р18 напред, односно 265/645Р18 позади. Сопирачките се составени од 380 милиметарски самовентилирачки дискови со шапи со шест клипови напред и 355 милиметарски самовентилирачки дискови со шапи со четири клипови на задниот дел.

Во внатрешноста се наоѓа 12-инчен дигитален инструмент кластер обиколен со отвори за вентилацијата, потсетувајќи на поставеноста на најновите модели на Ferrari. Исто така, тука е и високо позиционираното копче на централната конзола кое делува како главен контролер. Копчињата поставени на управувачот можат да се најдат и кај патничката и кај тркачката варијанта, со тоа што втората поседува тркачки управувач.

Bermat GT

Bermat е горд на високото ниво на персонализација кое ќе го нуди, истакнувајќи дека ќе биде „првиот автомобилски производител способен да го стави клиентот во средината на проектот“. Компанијата не објави детали за „патничкиот“ Bermat GT или за престојната целосно електрична верзија, освен дека се очекува да пристигнат во 2022 година. Цената не е откриена, ниту производственит таргет за овој нов италијански производител.

Поврзани вести

Back to top button