SP Automotive Chaos е првиот ултра-автомобил на светот
Новоформираната компанија Spyros Panopoulos Automotive, базирана во Атина, го лансираше својот прв модел наречен Chaos
Грчката компанија SP Automotive го претстави својот прв модел наречен Chaos за кој тврди дека е првиот ултра-автомобил на светот. Според производителот, Chaos има за цел да сруши цела низа на рекорди кога станува збор за продукциски модели, вклучително и најбрз круг на Нирбургринг, највисока брзина и најбрза четврт милја.
Chaos се напојува со битурбо 4,0-литарски V10 мотор кој е достапен во две нивоа на моќност која се испраќа на сите четири тркала преку осум или седумстепен автоматски менувач со двојна спојка. Моторот е дизајниран и развиен од компанијата, со алуминиумски или 3D-печатен блок за моторот од магнезиум, титаниумски 3D-печатени клипови и прачки, 3D-печатенa брегаста осовина, титаниумски или Inconel вентили, како и пар турбополначи направени од карбонски, титаниумски, магнезиумски и керамички соединенија.
Нереално луди спецификации
Earth верзијата на Chaos испорачува 2.077 КС и 1.389 Nm максимален вртежен момент. Оваа верзија забрзува од 0 до 100 км/ч за 1,9 секунди, а од 0 до 300 км/ч стигнува за 7,9 секунди. Од компанијата велат дека за четврт милја се потребни 8,1 секунда.
Zero Gravity верзијата доаѓа со уште поголема моќност од вртоглави 3.107 КС и масивни 1.984 Nm максимален вртежен момент. Моторот достигнува до распон од 11.800 до 12.200 вртежи во минута. Според компанијата, Chaos Zero Gravity е автомобил кој забрзува побрзо од F1 болид или било какво друго возило на две или четири тркала кое некогаш било произведено.
Наводно, оваа верзија од нула до „стотка“ стигнува за 1,55 секунди, од 100 до 200 км/ч за 1,7 секунди, а од 0 до 300 км/ч за 7,1 секунда. Четврт милја совладува за 7,5 секунди, што ако се потврди, го прави овој модел за цела секунда побрз од целосно електричниот Rimac Nevera, кој во моментов го држи овој рекорд.
Од SP Automotive велат дека максималната брзина надминува 500 километри на час, со што е значително побрз од SSC Tuatara (455,3 км/ч) и побрз од Bugatti Chiron Super Sport 300+ (490,484 км/ч). Од грчката компанија велат дека обидот за да се потврди дека нивниот Chaos е најбрзиот продукциски автомобил некогаш ќе се одржи на Ehra-Lessien патеката со Red Bull како спонзор.
Необичен дизајн
Автомобилот делува неверојатно агресивно со остри рабови и комплексни отвори за воздух насекаде по каросеријата. Она што остава впечаток е речиси непостоечкиот клиренс, како и долгото предно надвиснување. Уникатните 21 и 22-инчни тркала од лесна легура и 3D-печатените издувни цевки со четири завршетоци дополнително влијаат Chaos да се истакне во однос на останатите хиперавтомобили и покрај неколкуте позајмени дизајнерски елементи. Компанијата вели дека Chaos ќе го има „најдобриот аеродинамичен дизајн некогаш аплициран кај автомобил“, истакнувајќи дека потисната сила ќе може да се споредува со Formula 1 болид.
За ултра-автомобил, Chaos има прилично голем отпечаток со 5.053 милиметри должина, 2.068 милиметри ширина и 1.121 милиметри висина, а меѓуосовинското растојание изнесува 2.854 милиметри. Earth верзијата тежи 1.388 килограми, додека нешто помоќниот Zero Gravity е всушност полесен со 1.272 килограми благодарение на екстензивното користење на егзотични материјали и „3D-печатениот Anadiaplasi“ дизајн и продукцискиот процес аплициран во повеќето негови компоненти.
Монокок шасијата е направена од Zylon, додека „78% од каросеријата е Anadiaplasi 3D-печатена од легура од титаниум и магнезиум и карбон или карбонски Kevlar елементи“. Системот на потпирање има елементи направени од титаниум и магнезиум, а двете верзии добиваат карбон-керамички вентилирачки дискови со 3D-печатени шапи.
Егзотика во внатрешноста
Во внатрешноста, контролната табла изгледа минималистички, но исто така и прилично футуристички со „јаремски“ управувач во кој има интегрирано екран на допир. Пред совозачот се наоѓа уште еден екран, само неколку физички контроли на централната конзола и heads-up екран. Компанијата користеше карбон, зилон, титаниум, магнезиум и Алкантара за речиси секоја компонента во ентериерот.
Од SP Automotive најавуваат и проширена реалност, VR очила, 5G способности, препознавање на отпечаток, гласовни команди и камери за препознавање на ликот со кои ќе се препознаваат фацијалните експресии на возачот со цел да се приспособи возилото за возачките карактеристики согласно нивното расположение и можности.
Компанијата сака да произведе ограничен број од 20 единици од Cahos за секој континент, а моделот ќе биде ексклузивно дистрибуиран од Sotheby’s. Од компанијата откриваат дека веќе ја продале првата единица, а испораката е закажана за почетокот на 2022.
Цените ќе стартуваат од околу 5,5 милиони евра за базичната варијанта, а ќе достигне до 12,4 милиони евра за најмоќната верзија во која ќе се најдат сите егзотични материјали и технологии.