fbpx

Genesis го покажа електричниот Electrified GV70

Премиум производителот го претстави новиот електричен кросовер Electrified GV70 на Салонот за автомобили во Гвангжу

Genesis ја зголемува својата постава на електрични модели, а најнов додаток во ова семејство на корејскиот премиум производител е целосно електричната верзија на GV70 кросоверот, кој ги следи стапките на Electrified G80 седанот кој беше претставен претходно оваа година. Electrified GV70 ќе пристигне на одредени пазари од следната година, пред се во Европа како дел од стратегијата на брендот за атак на Стариот континент.

За напојувањето на Genesis Electrified GV70 се двата електромотори кои комбинирано испорачуваат моќност од 489 КС (360 kW) и 700 Nm вртежен момент во Boost режимот. Ова е повеќе од доволно за електричниот SUV да го достигне спринтот од место до 100 километри на час за импресивни 4,5 секунди.

Electrified GV70

Genesis не го откри капацитетот на батеријата која ја добива електричниот SUV, но потврди дека ја користи истата 400V/800V мулти-брза полначка технологија како и помалиот GV60 и Hyundai Ioniq 5. Само 18 минути се потребни за да се наполни батеријата од 10 до 80 проценти кога моделот е приклучен на 350 kW брз полнач. Electrified GV70 може да помине 400 километри со едно полнење според корејските тест циклуси.

Како и останатите електрични Hyundai и Genesis модели, така и Electrified GV70 добива Vehicle to Load карактеристика која поддржува 3,6 kW полнење, овозможувајќи им на сопствениците да приклучат секаков вид на електрични уреди на автомобилот.

Electrified GV70

Genesis исто така го опреми моделот со Disconnector Acuatotr System (DAS) кој може автоматски да го поврзе или исклучи моторот и погонското вратило во зависност од условите за возење. Развиен е и посебен e-Terrain режим, а има и Active Noise Control-Road (ANC-R) систем за активна контрола на бучавата.

Без голема разлика во однос на стандардниот модел

Од визуелна гледна точка, Electrified GV70 не се разликува премногу во однос на стандардниот модел со мотор на внатрешно согорување. Најголемата промена е поставувањето на ревидираната G-Matrix решетка во која е сокриен полначкиот порт. Недостатокот на издувни цевки исто така помага во почист изглед на задницата на електричниот SUV.

Electrified GV70

Некои минорни промени се направени и во ентериерот, вклучително и поставувањето на лопатки за менување на брзини, со цел да се подеси регенеративното сопирање, Boost копче на управувачот, помал централен тунел и користењето на поеколошки материјали.

Genesis не ги објави деталите околу цената и конечните погонски спецификации за Европа, а тоа ќе го направи како што ќе се доближи датумот на лансирање на европските пазари.

Поврзани вести

Back to top button