Škoda со нов тизер го најави освежениот Karoq
Тизер кампањата за освежениот Škoda Karoq се вжештува откако чешката компанија објави ново тизер видео и фотографии за унапредениот кросовер
Подготвен за деби кон крајот на овој месец, освежениот Karoq се очекува да добие покарактеристичен изглед благодарение на пошироката решетка која е опкружена со потенки фарови. Овој третман ќе биде пресликан и на задниот дел каде задните светла добиваат помодерна и минималистичка естетика.
Покрај светлечките групации, тизер видеото го прикажува и ревидираниот заден браник и аеродинамичните тркала. Компанијата исто така ветува и „унапредување на технологијата“, а моделот би требало да добие и 10,25-инчен дигитален инструмент кластер, како и унапредени инфозабавни системи со димензии од 8,25 и 9,2-инчни екрани. Исто така, се очекуваат и унапредени системи за асистенција на возачот.
Моторните опции остануваат непотврдени, но моделот во моментов се нуди со два турбо бензински мотори, кои вклучуваат 1,0-литарски трицилиндричен агрегат со 110 КС и 1,5-литарски четирицилиндричен мотор со 150 КС. Кросоверот исто така може да биде опремен со 2,0-литарски TDI мотор кој испорачрува 116, односно 150 КС.
И додека Škoda ги чува деталите во тајност, моделот Karoq е мошне важен за чешката компанија, со оглед на тоа дека станува збор за вториот најпродаван модел зад Octavia. Брендот од Млада Болеслав продаде 82,121 единици во Европа минатата година, но таа бројка е намалена поради пандемијата, со оглед на тоа дека Škoda продаде 105.041 единици во 2019 година.