fbpx

Alfa Romeo Tonale за првпат прикажан на видео снимка

Новиот SUV Tonale е еден од најисчекуваните модели на италијанската марка Alfa Romeo, а премиерата треба да се случи во текот на следната година

Компактниот SUV на Alfa Romeo, моделот Tonale, со кој италијанската компанија најавува пресвртница во своето постоење и почеток на една нова ера, се подготвува за својата премиера, а автомобилот сега за првпат се појави во едно видео.

Фановите на италијанската компанија со нетрпение исчекуваат да го видат новиот модел, а во најновото видео кое го објави марката, како и извршниот директор на компанијата, Жан Филипе Импарато, Alfa им се заблагодарува на сите верни „алфисти“ ширум светот со најава дека пристигнуваат подобри времиња за овој бренд. На самиот крај од снимката во која се прикажани сите значителни настани на Alfa Romeo годинава, се појавува токму и новиот Tonale.

Први информации за палетата на мотори

Премиерата на моделот се очекува на пролет, а во пресрет на истата, се појавија и првите информации околу изгледот на палетата на мотори. Во понудата, по се изгледа, ќе се најде и дизел агрегат и тоа 1,6-литарскиот Multijet со 130 КС. Покрај ова, купувачите ќе можат да изберат и меѓу два бензински мотори. Всушност, станува збор за 1,3-литарскиот мотор со две конфигурации со 130 или 160 КС, со тоа што помоќната верзија ќе има и блага хибридна технологија.

На врвот на понудата се наоѓа plug-in хибридна верзија која ќе испорачува 240 КС и 520 Nm. Кај овој погонски систем, конвенционалниот мотор ќе биде задолжен за придвижување на предните тркала, а електромоторот ќе биде поставен на задната осовина. Според иницијалните податоци, Tonale во исклучиво електричен режим ќе може да помине 50 километри. Во понудата би требало да има само еден менувач и тоа седумстепен автоматик со двојна спојка.

Италијанските новинари откриваат дека моделот би требало да биде долг 4.528 милиметри, широк 1.835 и висок 1.604 милиметри, додека меѓуосовинското растојание ќе изнесува 2.626 милиметри.

Инаку, Tonale е проект на поранешната управа на Alfa Romeo пред настанувањето на Stellantis групацијата. Сепак, моделот ќе дебитира за време на мандатот на Импарато, кој пак, незадоволен од перформансите на plug-in хибридната погонска поставка ја одложи премиерата на компактниот SUV.

Поврзани вести

Back to top button