Valiance Convertible е кабрио Defender од Heritage Customs
Heritage Customs ги претстави првите цртежи од нивната верзија на Land Rover Defender која пристигнува во кабрио издание
Холандската компанија Heritage Customs, која е во ко-сопственост на дизајнерот Нилс ван Роиј, ги покажа првите дизајнерски цртежи за моделот Valiance Convertible, модел со мек покрив базиран на Land Rover Defender кој ќе биде произведен во ограничена серија од само пет единици во 2022 година преку Carchitecture програмата.
Конверзијата е базирана на моделот со две врати и скратено меѓуосовинско растојание, Defender 90. Оваа модификација вклучува сечење на покривот и задните панели и истите ќе бидат заменети со „полу-електричен“ мек покрив на преклопување. Со ова патниците во предниот и задниот ред ќе се возат под отворено небо, а притоа ќе се задржи оригиналната структура на А и Б столбовите.
Моделот пристигнува со специјално направени нијанси за екстериерот, со рачно изработен ентериер „по мерка“ кој се одликува со Spinneybecn кожен тапацир, Magic Metal елементи, рачно изработени Heritage Customs емајлирани амблеми и голем избор на дизајни за тркалата. Компанијата објави тизери за три различни конфигурации за Valiance Convertible, инспирирани од прекрасни плажи во комбинација со наследството на Land Rover.
Cote d’Azur, Solihull Sand и Kokkini Paralia
Cote d’Azur конфигурацијата, наречена по Азурниот брег, е финиширана во сина боја со црни инсерти на браниците, Magic Metal Copper акценти и 22-инчни Space Cowboys тркала обложени со бели пневматици. Во внатрешноста добива спортски седишта, класичен управувач и Magic Metal Copper детали.
Solihull Sand, инспириран од Hue I66, кој е првиот Land Rover кој излегол од производство, е финиширан во зелена боја со сиви инсерти на браниците, Magic Metal Gun метални акценти, песочен покрив и бели 20-инчни Rock Dust тркала. Овој модел добива класични седишта, класичен управувач и Magic Metal Copper акценти.
На крајот, тука е Kokkini Paralia, моделот кој е наречен по познатата Црвена плажа на грчкиот остров Санторини. Соодветно, овој модел е финиширан во темна мат црвена нијанса во комбинација со црни инсерти на браниците, Magic Metal Gun метални акценти, црн покрив и 22-инчни Supersonic тркала. Во внатрешноста се наоѓаат спортски седишта, спортску управувач, како и Magic Metal Tin акценти.
Со оглед на тоа дека станува збор за уникатни модели во исклучително ограничена серија од само пет единици, декларативната цена за овие ексклузивни модификации на Heritage Customs изнесува 138.500 евра.