Премиера за Mercedes Vision EQXX концептот
По месеци тизер кампања, Mercedes-Benz Vision EQXX концептот конечно е претставен како израз на марката за врвот на автомобилската ефикасност
Mercedes го претстави својот најнов концепт наречен Vision EQXX, а кој треба да ги разреши сите грижи околу опсегот на движење, бидејќи пристигнува со автономија од 1.000 километри со едно полнење. Иако засега е само концепт, продукциската верзија на EQXX исто така е на пат да пристигне и тоа со голем број од технолошките решенија кои се претставени со концептната верзија.
Пред се, најважно е да се напомене дека овие технолошки решенија не значат само додавање на огромна батерија во подот на автомобилот. Наместо тоа, EQXX достигнува 1.000 километри и неверојатно ниска „потрошувачка“ од под 10 kWh по 100 километри, благодарение на паметните решенија и технологии на Mercedes насочени кон намалување на тежината и подобрување на аеродинамиката. Најпрво треба да се истакне 900-волтното батериско пакување. Развиено со High Performance Powertrains (HPP) и Mercedes-Benz Grand Prix, мозокот зад F1 болидите на Daimler, батеријата ги има истите 100 kWh како и EQS 450+ автомобилот, но е 50 проценти помала и 30 проценти полесна, со тежина од 495 килограми.
Ова овозможува вкупната тежина на возилото да се задржи на само 1.750 килограми, а во ова свој удел имаат и магнезиумските тркала, алуминиумските диск сопирачки, карбонските и плексиглас вратите, како и тенкиот покривен панел чии 117 соларни ќелии додаваат 25 километри во електричниот возачки опсег, како и за напојување на дел од електричните системи, како што е клима-уредот, светлата и инфозабавниот систем. Посебна литиум-железо-фосфатна батерија ја складира енергијата.
Ефикасни решенија
Голема улога во големата ефикасност на возилото има и мошне нискиот коефициент на воздушен отпор од само 0,18 Cd, за што свој удел има и подесувачкиот заден дифузер и ладењето по потреба на батеријата. Моќноста на возилото доаѓа од електромоторот кој испорачува 204 КС, а од Mercedes велат дека погонот е толку ефикасен што 95 проценти од енергијата се испраќа до тркалата.
EQXX е всушност доста компактен со должина од околу 463 сантиметри и меѓуоскино растојание од 280 сантиметри, што е помалку од C-Класа. Во внатрешноста се наоѓа големиот екран со големина од 47,5 инчи со 8К резолуција и навигациски систем со 3D графика кој може да го претстави секој град со сателитски преглед до висина од 10 метри.
Кога станува збор за внатрешноста, треба да се истакне дека за истата се искористени голем број на одржливи материјали. Ова вклучува и тапацир кој користи Biosteel влакна, веганска кожа која е направена од печурки и патосници базирани на бамбус.
EQXX концептот на Mercedes е пред се најава за технолошките решенија кои Mercedes ќе ги примени за уште повеќе да го олесни изборот на клиентите за да се одлучат за електричен автомобил, а со оглед на тоа дека како најголем проблем се истакнува опсегот на движење, овие 1.000 километри автономија кои се декларирани од страна на германската марка и ќе бидат применети во идните модели, дефинитивно ќе придонесат при конечниот избор на купувачите.