fbpx

Toyota Hilux GR Sport дебитира во Европа

Европскиот огранок на Toyota го најави Hilux GR Sport, новиот знаменосец во поставата на пикап моделот инспириран од Dakar варијантата

Toyota Hilux GR Sport дебитира во Европа со унапреден дизајн и подобрувања на системот за потпирање. Hilux GR Sport според европски спецификации е поинаков од јапонската варијанта која го носи истото име. Почнувајќи со екстериерот, Hilux GR Sport визуелно се разликува со редизајнираниот преден браник кој добива голема решетка со натпис Toyota и сјајно црнo опкружување. Предниот дел исто така добива и повисоко постсавени декоративни отвори за воздух во кои се инкорпорирани магленките, како и заштитна плоча во боја на каросеријата. Освен тоа, Hilux GR Sport ги добива LED фаровите од повисоките нивоа на опременост на освежениот Hilux кој беше претставен во 2020.

Моделот е поставен на 17-инчни тркала од лесна легура обложени со пневматици за сите терени и се одликуваат со црн финиш. Покрај тоа, кога ќе се погледне од профил, јасно се истакнуваат пластичните екстензии на крилата, црните капаци за ретровизорите и страничната скала. GR Sport беџовите се додадени на решетката, предните врати и задната врата, со што се заокружуваат промените.

Во внатрешноста Toyota додаде GR Sport седишта обложени со црна кожа и синтетички велур со црвени перфорации и конци. GR Sport амблемот исто така е присутен на патосниците, Start-Stop копчето и графиката на екранот. На крајот, тука се инсертите од лажен карбон, алуминиумски спортски педали, црвена линија на контролната табла и сина осветелност на панелите од вратите.

Унапреден систем на потпирање

Како и сите членови на GR Sport семејството, така и Hilux добива унапреден систем на потпирање. Новите monotube амортизери и крутите предни спирални пружини се офарбани во црвено со цел да се нагласат промените. На задниот дел, Hilux GR Sport го задржува истиот систем како и кај пониските нивоа на опременост.

Под хаубата се наоѓа истиот 2,8-литарски четирицилиндричен турбо дизел мотор кој испорачува 204 КС и 500 Nm максимален вртежен момент кој беше претставен со фејслифтот од 2020. Моќноста се испорачува на сите четири тркала ексклузивно преку шестстепен автоматски менувач со лопатки за менување брзини, со помош на стандардниот автоматски диференцијал со ограничено пролизгување.

Toyota Нilux GR Sport за европскиот пазар се очекува да пристигне ова лето, а цените ќе бидат објавени пред самото лансирање.

Поврзани вести

Back to top button