fbpx

Sony премиерно го покажа Vision-S 02 SUV концептот

Технолошкиот гигант Sony има прилично богат репертоар на годинешното издание на CES, но најголемо внимание привлече новиот Vision-S 02 концепт

По претставувањето на Vision-S 01 седанот кој го претстави на CES во 2020, Sony годинава се враќа со уште еден автомобилски концепт, а станува збор за Vision-S 02 SUV моделот. Станува збор за практичен електричен автомобил со простор за седум патници, а со својот дизајн потсетува на седанот. Должината изнесува 4,9 метри, ширината е 1,93, висината 1,65 метри, а меѓуоскиното растојание е прилично великодушно со 3,03 метри. Моделот е поставен на 20-инчни тркала и тежи 2,480 килограми.

Sony Vision-S 02 SUV Concept

Благодарение на поставката од два електромотори, Sony Vision-S 02 пристигнува со погон на сите четири тркала. Едниот електромотор е поставен на предната, а едниот на задната оска, додека двата испорачуваат по 272 КС. Деталите околу забрзувањето не се објавени, но за спринтот од нула до „стотка“ веројатно се потребни повеќе од 4,8 секунди колку што му се потребни на Vision-S 01 седанот, со оглед на тоа дека тој е за 130 килограми полесен. Дополнителната тежина влијае на максималната брзина која изнесува 180 километри на час, односно 60 км/ч помалку од седанот.

Сличност со Vision-S 01 седанот

Сличностите во хардверот меѓу двата модели не се однесува само на електромоторите, бидејќи двете возила ја имаат истата должина и меѓуоскино растојание, со тоа што SUV моделот е нешто поширок и очигледно повисок. Двата модели споделуваат воздушен систем на потпирање, но со поголем клиренс од 15,7 сантиметри кај Vision-S 02.

Модерно дизајнираната пространа кабина со голем стаклен панорамнски покрив е проектирана за комфорно возење на седум лица и поседува конфигурација од три реда. Арматурната плоча создржи екрани меѓу кои се и оние во аглите кои го прикажуваат она што го снимаат камерите кои ги заменуваат страничните ретровизори. Екрани се наоѓаат и на задниот дел од потпирачите на предните седишта, наменети за забава на патниците во вториот ред.

Откако Vision-S 01 дебитираше на CES 2020, Sony постојано ги демантираше плановите за влез во автомобилската индустрија. Сепак, сега го променија својот став, бидејќи оваа пролет јапонскиот гигант ќе креира нова компанија наречена Sony Mobility преку која ќе ја истражуваат можноста за влез на ЕВ пазарот“.

Поврзани вести

Back to top button